Водечките српски синдикати за денес најавија генерален штрајк на сите вработени во Србија, а нивното главно барање е од парламентарната процедура да се повлечат предложените измени и дополнувања на Законот за труд и на Законот за пензиско и инвалидско осигурување.
Водачите на штрајкот, Љубисав Орбовиќ и Бранислав Чанак, соопштија дека штрајкот ќе трае се до повлекувањето од процедува на посочените спорни закони. Во соопштението од синдикатите се наведува дека штрајкот подразбира престанување со работа и протестни собири на вработени со минимум извршување на работните обврски.
Според синдикатите, Владата на Србија предложените законски измени ги усвоила без почитување на законската процедура.
Министерот за труд и социјална политика, Александар Вулин, изјави дека синдикатите со најавата за штрајк покажуваат повеќе тврдоглавост отколку разум” и оцени дека треба да се постигне договор”.
Синдикалниот лидер Орбовиќ за денес најави протест пред Парламентот во Белград и најави дека ќе дојдат работници од цела Србија, како и дека заканите нема да ги исплашат. Воедно, се подготвува и собирање потписи за референдум за повлекување на законите, за што синдикалците очекуваат да соберат петпати повеќе потписи од неопходните 100 илјади.