Имав пациентка со рак на дојка на 17-годишна возраст, и тоа во поодмината фаза! Го опериравме девојчето…, но исходот е неизвесен. Многу е зголемен бројот на жени со рак на дојка изминативе 10 години, но, за среќа, сега малку порано се открива ракот благодарение и на кампањите што беа организирани. Исклучително е важно ракот на дојка да се открие навреме зашто тогаш се отстранува само една четвртина од дојката, а шансите за излекување се драстично поголеми – предупредува д-р Зоран Спировски.
Скопјанката Атина Саздова, една од жените што поминала низ пеколот лекувајќи го ракот на дојка, раскажува:
– Ако во декември првпат ми најдоа израсток на градата од еден сантиметар, веќе во март беше 3,5 сантиметри. Докторот сакаше во тој период да ме лекува на алтернативен начин, но кога видов каде оди работа, веднаш побарав второ мислење. Мораше да ми ги отстранат двете гради. За жена ова е голем пораз, но јас не се предадов. Операцијата не се најтешкиот период, туку надминувањето на хемотерапијата и контролите се ужасен стрес. Денот некако минуваше, ама ноќите се многу долги, како години. Имав среќа што семејството ми даде голема поддршка, но во оваа битка бев сама. Не е добро што предолго се чека за мамографија, но и грижата за пациентките мора да биде поинаква. Секогаш треба да се бара второ мислење од лекарите – вели Саздова.
– Зголемен е бројот на новооткриени случаи на рак на дојка – лани имавме 800 случаи, а годинава бројката е уште позагрижувачка! Една од причините за порастот на малигните заболувања е што загадувањето на околината е многу зголемено, а забрзано мутира и геномот на човекот – без мутација на проонкогени гени и на тумор-супресорни гени – нема рак! Второ, се зголемува и животниот век, па ако доволно долго живееме и да не заболиме од ништо друго, на крајот може да заболиме од рак зашто откажува генетскиот механизам за контрола на делбата на клетката. Kолку организмот е постар, толку е поголема опасноста да се појави ракот – вели д-р Милан Ристовски.
Први термини за мамографија најрано за еден месец!
Првите слободни термини за мамографија во „Железарничар“ се на 4 ноември, во поликлиниката „Јане Сандански“ може да се снимате на 7 ноември, а во Букурешт шест дена подоцна. Доколку сакате дојките да ги проверите на Kлиниката за радиологија, ќе почекате до 26 ноември. Матичната докторка вели дека итните случаи се закажуваат побрзо, надвор од овие термини, ако треба и од денеска за утре.
Повеќе на – Дневник