Рашковски: Договорот за хеликоптерска прва помош е ремек-дело, државата нема да плати ни денар


Генералниот секретар во владата, Драги Рашковски, зборуваше за спроведената постапка за избор на најповолна понуда за воспоставување на Јавно приватно партнерство за формирање на платформа за хеликоптерски итен медицински систем во Република Северна Македонија (ХЕМС) и хеликоптерски услуги за пребарување и спасување (САР).

Тој детално објасни за постапката според која за избор на приватен партнер за оваа дејност се утврдува САРХЕМС ДООЕЛ Скопје, компанија која, како што рече, ги задоволила условите на јавниот повик и која е на SHC Swedish Helicopter Consortium AB регистрирана во Шведска.

Рашковски информираше дека интерес за повикот покажале 8 компании, од кои 5 подигнале тендерска документација.

„Тоа се компаниите Babcock International, German Healtcare Services DOO Kosel-Ohrid, SHC Swedish Helicopter Consortium AB, Eli Friulia Helicopter Centar (SOS ARL), и Air Transport Europe“, објасни тој и додеде дека договорот за Јавно приватно партнерство треба да биде потпишан најдоцна за 30 дена од донесувањето на одлуката за прифаќање на ЈПП за оваа дејност.

Рашковски посочи дека согласно критериумите на повикот, САРХЕМС ДООЕЛ Скопје најдоцна за шест месеци по потпишување на договорот ќе стави на располагање два хеликоптера опремени за давање медицински услуги за прва помош и за пребарување и спасување, бесплатно за граѓаните на Северна Македонија, кои најмногу за 15 минути треба да бидат на местото каде што треба да биде извршена интервенцијата.

„Обврска на приватниот партнер, односно САРХЕМС ДООЕЛ Скопје, е во рок од 6 месеци да изгради 8 сертифицирани хелиодроми во 8 градови во Северна Македонија, а Владата да отстапи за таа намена државно земјиште на времено користење“, нагласи владиниот генерален секретар и како целосни дезинформации ги оцени наводите што ВМРО-ДПМНЕ ги изнесе во јавноста дека овој договор ќе ги чини граѓаните и Буџетот на државата 72 милиони евра.

„Тоа е злонамерна интерпретација добиена од вредноста на инвестицијата, што е трошок на приватниот партнер, помножена со бројот на годините на кои ќе биде потпишан договорот. Напротив, освен што државата овој Договор нема да ја чини ни денар, двата хеликоптера, хелиодромите и другата опрема за извршување на оваа дејност, согласно договорот за ЈПП, по истекот на договорот во рок од 8 години, остануваат во сопственост на Република Северна Македонија“, појасни Рашковски и истакна дека компанијата САРХЕМС ДООЕЛ Скопје за цело време на траење на договорот има обврска да плаќа надомест за стекнатото партнерство за обавување на оваа дејност во висина од 10.000 евра годишно.

MK News

Автор инфо

No comments yet.

Остави коментар

UA-33057274-1