Досега се евидентирани „повеќе од 75.000 жртви“ на бранот кибернетички напади со таканаречениот изнудувачки софтвер „ransomware“ кој во петокот ноќта погоди компјутерски мрежи на компании и државни институции во речиси стотина земји во светот, се наведува во соопштението на француската полиција од саботата вечерта.
„Станува збор за сé уште провизорна бројка на заразени компјутери, којашто веројатно ќе се зголемува во текот на следните денови“, изјавила за AFP Валери Малдонадо, помошничка на началникот на одделот за борба против кибернетичкиот криминал.
Уценувачкиот софтвер го блокира пристапот до компјутерскиот систем и потоа бара пари, во случајов 300 долари во виртуелната валута битоин, за да го одблокира. Претходно чешката компанија за кибернетичка безбедност „Avast“, соопшти дека со оваа штетна програма биле нападнати 99 земји ширум светот.
Најтешко погодени се Русија, Украина и Тајван, а во соопштението на европската полициска агенција Европол којашто отвори истрага во врска со овој координиран масивен напад се истакнува дека станува збор за „кибернетички криминал без преседан“.
Меѓу потешко погодените се британскиот здравствен систем, меѓународната компанија за транспортно-поштански услуги „FeDex“, а во Азија се погодени некои болници, училишта, универзитети и други приватни и јавни институции. Меѓу жртвите се и шпанската телекомуникациска компанија „Telefonica“, португалската „Telecom“ и аргентинската „Telefonica“.
Руското министерство за внатрешни работи, министерството за вонредни состојби и министерството за здравство објавија дека, исто така, биле нападнати, како и најголемата руска банка „Сбербанк“, компанијата „Мегафон“ и редица други компании и јавни институции.
Нападот започнал во Европа, а додека напаѓачите вниманието го насочиле кон САД, филтрите веќе идентификувале нова закана и ги означиле пораките со уценувачкиот софтвер.
Се верува дека нападот е извршен со уценувачкиот софтвер „Wanna Decryptor“
Хакерите коишто стојат зад оваа програма користеле алатки коишто ги развила американската Агенција за национална безбедност (NSA), изминатите години жестоко критикувана за создавање програми за шпионирање на милиони луѓе низ светот. Тие алатки минатата година истекле на интернет, што била многу непријатна ситуација за оваа разузнавачка агенција која била премолчена.
Полицијата оценува дека начинот на кој е изведен овој масовен кибернетички напад е многу опасен бидејќи откако „ќе се зарази првиот компјутер, вирусот многу брзо се проширува на целиот систем и ги парализира сите компјутери“, појаснила Малдонадо.
Британски програмер случајно го запрел ширењето на вирусот
Некои експерти сметаат дека засега оваа закана засега се намалила, делумно и благодарејќи на извесен стручњак од Велика Британија, кој го ограничил ширењето на оваа кибернетичка зараза.
Меѓутоа, истовремено се предупредува дека напаѓачите би можеле да го изменат кодот и повторно да покренат циклус напади. Тоа засега сé уште не се случи, но веројатно ќе се случи, вели експерти кој можеби го запрел ширењето на нападот одбивајќи да биде објавено неговото име.
Вирусот изнудувал „Wanna Cry“, бил запрен во ширењето на други десетици илјади компјутери ширум светот благодарејќи на регистрацијата на доменот со име iuqerfsodp9ifjaposdfjhgosurijfaewrwergwea.com, пишува весникот The Guardian,
Програмерот кој се претставил само под псевдонимот @MalvareTechBlog заедно со колегата Даријан Хас појасниле дека вирусот се обраќа на таквата адреса и решиле да регистрираат домен кој ќе ги следи неговите активности. Како што се покажало, адресата била содржана во кодот на вирусот, доколку е потребно да се запре неговото дејствување.
„Така, јас можам да додадам во својата биографија дека случајно запрев меѓународен кибернетички напад“, напиша анонимниот програмер. Притоа, предупредува дека со тоа нападот е запрен, но само привремено. Откако хакерите ја изменат адресата во кодот на вирусот, кибернетичкиот напад може да продолжи.