Регистриран е прв случај на болеста „чвореста кожа“ кај говедо во Република Македонија, информира денеска директорот на Агенцијата за храна и ветеринарство Зоран Поповски.
– Болеста не е типична за овој регион, но, за жал, и покрај будното следење на состојбата, на 18 април годинава е регистриран првиот случај и кај животно во Македонија, во Демир Капија. Не е зооноза, односно не се пренесува од животни на луѓе, но е многу опасна кај говедата бидејќи може да предизвика големи економски штети, рече Поповски.
Посочи дека инкубацијата на болеста трае две до три недели. Симптомите кои сточарите треба да ги препознаат за навремено да реагираат и алармираат кај надлежните се зголемена температура над 40 степени, апатичност на животните, исцедок од носот и устата, не конзумираат храна редовно и има пад на млечноста.
– Болеста е лабораториски потврдена на 21 април по земените примероци и извршената анализа во Бугарија, од едно говедо кај едно домаќинство во Демир Капија, во местото Чифлик. Станува збор за вирус и болеста се пренесува преку вектори, односно преку каснување од комарци и муви, но може да се пренесе и преку директен контакт на самите животни и преку храна и вода, рече Поповски.
Тој истакна дека се преземени сите мерки и животното е убиено и нештетно отстрането, како и животните кои биле во близина и во контакт со заразеното животно. Со цел сузбивање и спречување на ширење на болеста, исто така, се воспоставени три заштитни зони во радиус од три, десет и 50 километри околу жариштето во регионот на Демир Капија, во кои е забрането движење на сите животни, сточни пазари и давање на млекото и месото во индустријата.
– Ова е изолиран случај во Македонија и засега нема ширење на болеста и во други региони на земјата. Болеста не е пренослива на луѓе и нема никаква опасност по здравјето на луѓето, рече Поповски.
Според него, болеста не е типична за овие простори и станува збор за егзотична болест што во минатото била присутна само во Африка, но со поместувањето на температурните граници болеста се поместува кон север преку Турција, кон Грција и Бугарија.