Рекорден број новозаразени – 205 од Ковид-19, 6-мина починати последните 24 часа


Нов рекорд на новозаразени со Ковид-19 во земјата. Од 1728 тестирања, дури 205 лица биле позитивни на корона, што е 11,8 проценти од бројот на тестови. Изминатото деноноќие битката со вирусот ја изгубија 6 пациенти. На клиниката за Инфективни болести починаа тројца заболени, двајца во ГОБ 8ми септември а Ковид-19 беше погубен и за пациентка во гостиварската болница.

Според статистиката од Институтот за јавно здравје, најалармантно е во Свети Николе каде од денешните 29 новодијагностицирани, дури 19 случаи се од текситилни фабрики. Менаџментот стави клуч на два погони и најави скрининг на сите 830 работници.

-Во понеделник ќе бидат тестирани остатокот на вработените, среќа што направиле скрининг оти многу биле асимптоматски, вели Ангел Димитров сопственик на МОДА.

Податоците од тестирањата покажуваат дека во главниот град има намалување на бројот на заразени, но на удар се Гостивар со 23 нови случаи како и Дебар со 17. Двоцифрени се бројките на Ковид позитивни и во Тетово, Куманово, Штип и Струга. Само три градови во земјата во моментот се без активни случаи на корона.

Институтот за јавно здравје регистрирал и 336 оздравени, со што бројката на активни случаи се намали на 3449.

Поради компликации од вирусот, на болничко лекување има 409 пациенти. Најмногу, или 96 се во ГОБ 8ми септември каде четворица од хоспитализираните се на респиратор. На инфективна има 92 од кои 59 се на кислородна поддршка. Останатите заболени се во болницата во Козле како и во инфективните одделенија низ државата.

Од почетокот на пандемијата досега во Македонија се регистрирани 7777 позитивни на корона вирусот.

Share Button
MK News

Автор инфо

No comments yet.

Остави коментар

UA-33057274-1