Светските новински агенции во своите утрински извештаи му даваат забележлив простор на вчерашниот референдум во Македонија.
Ројтерс под насловот: „Референдумот за името во Македонија не успеа да ја достигне потребната излезност“ ја акцентира изјавата на претседателот на Државната изборна комисија, Оливер Деркоски, во која се соопштува дека заради тоа што не е постигнат цензусот од 50% излезност, „на референдумот не е донесена никаква одлука“.
Онлајн изданието на германскиот весник „Шпигел“, излезе со наслов: „Пораз што се продава како победа“. Во текстот се пренесува дел од синоќешното излагање на премиерот Заев и се наведува предизвикот пред којшто е исправен – од една страна одзивот е далеку под очекувањата, а од друга две третини од пратениците треба да убеди да гласаат за договорот што беше предмет за изјаснување на референдумот.
Германската државна агенција ДПА, објавува дека Договорот од Преспа е се уште актуелен и покрај неуспехот од референдумот. Агенцијата ја пренесува и изјавата на Заев во која рече дека нема намера да поднесе оставка.
Британскиот Би-Би-Си својот текст го наслови: „Референдум во Македонија: Гласањето за промена на името не успеа да го достигне потребниот цензус“, додека угледниот Гардијан напиша: „Македонија се соочува со криза откако референдумот за промена на име доживеа мала излезност“.
Њујорк тајмс: Двете страни тврдат дека победиле на референдумот во Македонија. Бројката на излезени е неуспех за владата и за западните лидери, кои од петни жили притискаа за цврст мандат од народот, иако владејачката партија е уверена дека може да ги собере парламентарните гласови за да ја одобри промената на името.Атина се плаши дека Македонците протерани за време на граѓанската војна ќе почнат да си ги бараат имотите, прашање што преговарачите за договорот за името го решија така што појаснија дека барањето имот ќе биде неприфатливо“, појаснува американскиот весник.
Бугарската информативна агенција пак, „Фокус“, објави збирен осврт од странски агенции под наслов: „Фијаско на референдумот за името“.