За собирање на пари за развој на неразвиените општини, во средина каде на жената местото и е само во кујна, а тензиите меѓу Србите и Албанците се постојани, задолжена е една жена родена во мешан брак.
Оваа млада жена е директорка на Кабинетот за локален и економски развој на Бујановац и секоја година на оваа неразвиена општина во која тешко живеат и Албанците и Србите и Ромите, и носи над милион евра. Рекорд постигнала лани, кога за развојот на општината и отварање на нови работни места обезбедила 1,4 милиони евра!
И сам по себе, ваквиот резултат во време на општа беспарица треба да се пофали. дури пак кога ќе се земе предвид дека Фазила Адемовиќ успеала да дојде до раководна позиција, наспроти сите можни отежнувачки околности кои можеле да ја погодат. Таа е единствена жена на раководна позиција во општинската администрација во традиционално патријахална средина – на улиците на Бујановац и ден денес можат да се видат жени кои по улица одат два чекора позади мажот. Таа е и со мешана крв, таму каде што Албанците и Србите ни во кафеана не се дружат.
– Јас сум дете од мешан брак, родена од голема љубов на Албанец и Србинка и мислам дека тоа е нешто најубаво што постои. Воспитувањето кое ми го пружија и мене и на моите три сестри ни овозможи многу убаво да живееме, со блокада во мозокот за сите национализми, омраза и гнев. Ние луѓето се делиме на добри и лоши, а не според нацијата, вели Фазила.
Кога по завршувањето на гимназијата во родното Врање сакала да и придружи на својата сестра која студирала во Скопје, Македонија веќе беше друга држава, па за студии и требале неколку илјади евра, што нејзините родители, работници не можеле да и го овозможат. Затоа се запишала на Градежно-архитектонскиот факултет во Приштина и го завршила дипломирајќи за архитектонски инжинер. Следните три години ги поминала на градилишта, а кога поради кризата ѕидањето запрело, како инжинер со лиценца од Стопанската комора на Србија се префрлила во Општина Бујановац.
Со желба да ги залечи раните на бунтот на Албанците, меѓународната заедница на југот на Србија нуди помош. А Фазила вредно посетува курсеви на кои ќе учи како се пишуваат проекти и бара пари од донатори. Во Бујановац такви има малку, и тоа ќе и користи кога ќе се најде на чело на Кабинетот за локален економски развој.
– Кога Бујановац во медиумите се претставува како несигурен град, не се размислува за тоа дека секој збор може да го одврати потенцијалниот инвеститор. Ние во Кабинетот се трудиме енергијата која се троши на политиката да ја пренасочиме и на светот да се претставиме како град ориентиран на економскиот развој, ви таа. Дека во тоа успеала, сведочи и сертификатот – Општина со поволно деловно опкружување, кој го доби Бујановац.