Родителите и старателите кои во училиштата оставиле контакт телефон имаат можност, еднаш неделно на својот мобилен телефон да добиваат бесплатна СМС порака со информации за тековните активности, оценки и поведение на нивните деца, информира министерот за образование и наука Спиро Ристовски.
– СМС услугата ќе се реализира преку трите мобилни оператори во земјата кои беа вклучени во тест-периодот. Се активира по желба на родителот којшто ги оставил основните податоци кај класниот раководител на паралелката каде што учи неговото дете, а кои се внесуваат во системот на електронскиот дневник. Оние родители кои досега не оставиле контакт телефон, можат да го сторат тоа во било кое време, додека, за родителите кои не сакаат да добиваат СМС пораки како неделен извештај, постои опција истите информации да ги добиваат на нивната електронска пошта, појасни Ристовски.
Доколку при користењето на услугата се појави било каков проблем, родителите ќе можат да се обратат во министерството, преку контакт телефон и мејл адреса кои ќе бидат наведени интернет страницата и исклучиво наменети за поддршка при користењето на оваа услуга.
До овој момент во системот на е-дневникот се евидентирани 337.361 родител, од кои 28.591 оставиле само мејл адреса, 64.291 оставиле само телефонски број, а 83.035 родители оставиле и мејл адреса и телефонски број. Останатите родители не оставиле податоци за контакт.