Канцеларијата на обвинителот во Берлин спроведува истрага за случајот со 13-годишното девојче Лисе Ф., кое на полицијата ѝ кажало дека ја киднапирале мигранти во една населба во источен Берлин пред две седмици, ја држеле заробена 30 часа и ја силувале.
Рускиот министер за надворешни работи, Сергеј Лавров, во вторникот на прес конференција во Москва изјавил дека е “јасно дека девојчето под никакви околности не исчезнало доброволно 30 часа”.
Неговиот германски колега по должност, Франк-Валтер Стеинмејер, остро возвратил во средата велејќи дека нема оправдание за искористувањето на тој случај со цел “политичка пропаганда и разгорување на и онака тешката домашна расправа за мигрантите”.
Случајот Лисе Ф. предизвикал бес кај руската заедница во Берлин и руските медиуми на големо известувале за истиот.
Околу 700 луѓе демонстрирале пред канцеларијата на канцеларката Ангела Меркел во саботата со плакати на кои пишувало: “Нашите деца се во опасност” и “Денес моето дете, утре ваше”.
Портпаролот на канцеларијата на државниот обвинител во Берлин, Мартин Стелтнер, денес изјавил дека нема докази дека девојчето е киднапирано и силувано.
Додал дека во истрагата било откриено дека таа имала доброволни сексуални контакти со две момчиња на возраст од 20 години пред да исчезне и дека тие не биле поврзани со нивното 30-часовно исчезнување.
Мажите сега се под истрага за сексуално искористување на малолетничката.
Портпаролот на германското министерство за надворешни работи, Мартин Шафер, во средата рекол дека нема ни најмалку причини за доведување во прашање на резултатите од истрагата.
Исто така ги критикувал руските медиуми. “На лагата ѝ се кратки нозете”, додал Шафер