Руските војници го блокирале аеродромот „Белбек“, што се наоѓа во близина на базата на Руската црноморска флота. Ваквиот потег на руските војници, Аваков го нарече „воена инвазија и окупација“, додавајќи дека аеродромот е заземен без судири.
– Сметам дека ова што се случува е воена инвазија и окупација со кршење на меѓународните договори и норми, напиша Аваков на својот Фејсбук профил.
Руското Министерство за надворешни работи одби да ги коментира ваквите тврдења на Аваков. Изминатата ноќ група вооружени лица во воени униформи со руски ознаки го зазедоа аеродромот во кримскиот главен град Симферопољ, но по неколку часа се повлекоа од него, јавија руските медиуми.
Според очевидци, околу 50 вооружени мажи пристигнале на аеродромот со три камиона од типот „КамАЗ“ без регистерски таблички и препознатливи знаци. Тие прво го блокирале терминалот за внатрешни летови, по што влегле во аеродромот. Официјален претставник на аеродормот подоцна соопшти дека вооружените лица го напуштиле аеродромот.
– Тие мислеа дека тука слетал украински десантен авион, но кога видоа и се уверија дека нема нешто такво, се извинија и си заминаа, изјави аеродромскиот претставник. Тој додаде дека аеродромот работи нормално, сите летови се извршуваат според распоредот.
ИТАР-ТАСС јави дека пред аеродромот патролираат неколку лица во маскирни униформи вооружени со автоматски пушки и блиндирани возила.