ЕУ жали поради воведените мерки во областа на увозот на стоки и ги смета за „политички чекор“ на Русија, пренесува „Интерфакс“.
„Тој чекор е мотивиран од политички цели. Европската унија ќе ги оцени тие мерки веднаш откако ќе се појават повеќе информации за нивната содржина и обем“, изјави на брифингот во Брисел официјалниот претставник на Европската комисија, Фредерик Вансан.
Портпаролот забележа дека после оценката на руските ограничувања, ЕУ „ќе преземе неопходни мерки“. Венсан особено подвлече дека воведените санкции од Русија се мотивирани од незаконската анексија на Крим и случувањата во Украина.
САД можат да воведат нови санкции против Русија доколку таа не прекине „да ја поддржува народната одбрана“, изјави заменикот на министерот за финансии на САД, Дејвид Коен, а пренесува Ројтерс.
Освен тоа, Коен изјави дека САД се подготвени да воведат санкции против компаниите кои учествуваат во можната нафтена зделка “нафта за стоки“ меѓу Русија и Иран. Тој призна дека засега не е познато дали таквата зделка е склучена.
Претходно Русија забрани увоз на говедско, свинско и птичјо месо, морски продукти, млечни производи, зеленчук и овошје од САД, ЕУ, Канада, Австралија и Норвешка.
НАТО ја прекинува соработката со Руската Федерација. Ова го изјави генералниот секретар на Алијансата, Андерс Фог Расмусен за време на состанокот со претседателот на Врховната рада на Украина, Александар Турчинов.
„Северноатлантската алијанса ја прекинува соработката со Руската Федерација, ја јакне колективната одбрана заради заштита на сите свои членови и донесе одлука да се зголеми нивото на поддршка и соработка со Украина“, изјави генералниот секретар.
Премиерот на Русија, Дмитриј Медведев изјави дека санкциите се „ќорсокак“, но дека „ситуацијата е таква, па Русија е принудена да преземе реципроцитетни мерки“, пренесува РИА „Новости“.
Медведев, исто така, додаде дека ограничувањата за увоз на прехранбени производи од низа земји во Русија важи година дена, почнувајќи од 7 август.
„Мерките на Москва за санкциите на Западот ‘ќе ги расчистат рафтовите’ на продавниците во корист на руските произведувачи“, изјави Дмитриј Медведев и потврди дека руските земјоделци се подготвени да ја надоместат стоката која недостасува на рускиот пазар.
Од друга страна кога НАТО ЕУ И САД се закануваат со уште повеќе санкции се јави и Бразил.
Бразилските фарми за кокошки можат да ја задоволат побарувачката за пилешко месо која на рускиот пазар се појави после одлуката на Русија да го ограничи увозот на некои производи од низа земји во времетраење од година дена, изјави претседателот на Бразилската асоцијација на произведувачи на пилешко месо, Франциско Тура, а пренесува ИТАР-ТАСС:
Според неговите зборови, расположливите капацитети на бразилските произведувачи дозволуваат додатна испорака на 150 илјади тони пилешко во Русија, што во целост ја покрива квотата од САД.
Владата на Јапонија изрази разочарување поради одлуката на Русија да воведе ограничувања во период од една година во сферата на земјоделските производи, суровини и други стоки од земјите кои се придружија на санкциите против Русија, изјави генералниот секретар на владата на Јапонија, Јошихиде Суга, а пренесува ИТАР-ТАСС.
„Од Русија сега не се бара преговарање за санкциите, туку да се започне дијалог за мирно решавање на конфликтот во Украина, да се преземат конструктивни мерки насочени кон јакнење на контролата на државните граници и прекин на испораката на оружје преку границата“, изјави Суга.
Јапонија засега не се наоѓа во списокот земји чии производи Русија прекина да ги увезува.