Американскиот претседател Барак Обама е подготвен да продолжи со плановите за ограничен воен удар врз Сирија, иако британскиот секретар за одбрана Филип Хамонд потврди дека нема да има британска интервенција без одобрение од Парламентот, објави „Њујорк тајмс“.
Анонимни функционери во Вашингтон предупредија дека Обама не донесол конечна одлука, но оти се чини дека е спремен да нареди воена акција веднаш штом инспекторите на Обединетите нации се повлечат од Сирија, веројатно веќе в сабота.
Разузнавачките информации на САД не потврдуваат целосно дека сирискиот претседател Башар ал Асад е директно одговорен за нападот со хемиско оружје минатата недела, но највисоките офицери се убедени дека доказите со кои располагаат се доволно цврсти за да се изврши ограничена акција за спречување на сириските владини сили повторно да употребат хемиско оружје.