Американската администрација за безбедност во сообраќајот соопшти дека мобилните телефони и другите електронски уреди нема да бидат дозволени на летовите кон САД од некои аеродроми во странство.
Секретарот за државна безбедност Џеј Џонсон неодамна ѝ нареди на Администрацијата за безбедност во сообраќајот да воведе дополнителни безбедносни мерки на некои странски аеродроми од кои има директни летови кон САД. Американски разузнавачки претставници се загрижени поради новите напори на Ал Каеда да изработи бомба што може незабележано да помине покрај аеродромското обезбедување. Администрацијата не открива на кои аеродроми ќе се спроведуваат дополнителните мерки.
Американски извор запознаен со ова прашање изјави дека и лаптопите се меѓу уредите за кои може да биде побарано да бидат предадени пред летот. Американските власти се загрижени дека мобилен телефон, таблет, лаптоп или друг електронски уред може да послужи како бомба.