Авиокомпанијата “Катар ервејс” преку оглас бара млади лица од Македонија што би ги ангажирале како кабински персонал во своите авиони. Според условите во огласот, заинтересираните кандидати треба облечени во формална облека и со пополнета биографија да се појават во хотелот Холидеј Ин во Скопје на 19 јули помеѓу 9 и 17 часот. Во директен разговор со нив, ќе им бидат објаснети условите што им се нудат за работа во една од најпрестижните авиокомпании во светот.
Според информациите, платите за кабинските членови на екипажот на “Катар ервејс” се многу конкурентни. Тие се ослободени од данок на плата, имаат комплетно сместување во приватни спални соби, потоа бонус за добредојде. За време на тригодишниот договор добиваат надоместок за оброк додека се на должност, транспорт додека се на должност, сеопфатно медицински осигурување, осигурување на живот, како и бенефиции за патувања со авионите на “Катар ервејс” и во партнерски авиокомпании.
Ова е втор оглас што “Катар ервејс” годинава го распишува во Македонија. Интервјуа со заинтересирани кандидати се одржаа на 1 март исто така во хотелот Холидеј Ин во Скопје. Тогаш, за кандидатите кои влегоа во потесен круг следеше дополнителен процес на селекција и проверка на знаењата и вештините.