Саудискиот престолонаследник Мохамед бин Салман во емисијата „60 минути“ на телевизијата Си-Би-Ес одговори на повеќе прашања за улогата на исламот, женските права, затворањето на саудиските принцови, но и за своето богатство.
Тој истакна дека е свесен оти во Саудиска Арабија е доминантно ултраконзервативното презентирање на исламот, поради што на жените им се одземени човековите права.
– Бевме жртви, посебно мојата генерација која најмногу страдаше – изјави Бин Салман за ултраконзервативниот бран кој ја зафати земјата во 1979 година.
Тој минатото лето вети дека саудиските жени ќе можат да возат автомобили.
– Жените се апсолутно рамноправни со мажите. Сите сме човечки суштества и меѓу нас нема никакви разлики, нагласи престолонаследникот.
По неговото доаѓање на власт, ублажени се одредбите за тоа што треба да облекуваат жените, зголемен е нивниот процент во работна сила, а се прават напори и за изедначување на платите меѓу мажите и жените.
Кога станува збор за домашниот притвор на над 80 саудиски принцови, бизнисмени и поранешни министри во Владата, затворени во хотелот Риц-Карлтон во Ријад, тој изјави дека морал да го направи тоа.
– Тоа што го правиме во Саудиска Арабија е многу важно и потребно. Се е направено согласно законите, објасни Мохамед бин Салман.
Му се забележува и трошењето на огромни суми пари, а од друга страна зборува за фискална одговорност и воведување нови даноци. Во медиумите се појавија информации дека купил јахта за 500 милиони долари, француски дворец за над 300 милиони долари и уметничка слика за 450 милиони долари.
– Што се однесува за моите приватни трошоци – богат сум, не сум сиромашен. Не сум ниту Ганди, ниту Мендела – нагласи саудискиот престолонаследник.