Генералниот секретар Љупчо Николовски вчера во телевизиско гостување рече дека СДСМ ќе се обиде да го врати актуелниот градоначалник, Максим Димитриевски во партијата
-СДСМ ќе влезе во постапка во која ќе извлече поуки, ќе донесе многу одлуки. Затоа што во партијат има и луѓе кои не се партиски членови, а се ставени во позиции да носат одлуки за граѓаните. СДСМ ќе направи сѐ преку сите процеси и промени и верувам дека овој предизвик пред кој се наоѓаме ќе го решаваме сите заедно и дека обединети, со многу промени и детектирани слабости, ќе биде партија која ќе биде целосно подготвена за следните предизвици, рече Николовски.
На прашањето на новинарот „Да резимирам, ќе се обидете да го вратите Максим?“, Николовски рече „Ќе се обидеме да направиме се, да“.
Димитриевски доби втор мандат да го води Куманово на локалните избори, но како независен кандидат. Тој првиот мандат го помина како кандидат од СДСМ, но беше исклучен од партијата откако објави дека ќе се кандидира како независен кандидат.
Градоначалникот на Куманово, Максим Димитриевски, преку Фејсбук статус, се огласи по реакцијата на Љупчо Николовски, кој во вчерашното гостување во емисија истакна дека партијата, ќе се обиде да го врати Максим Димитриевски. Димитриевски, истакна дека никој не може да го врати во партија, од која никогаш немал излезено. Тој потенцира во статусот на Фејсбук, дека се уште бил член во СДСМ.
„Никој не може да ме враќа во партија од која никогаш немам излезено и согласно статутот на мојата СДСМ сѐ уште сум член и воедно со нетрпение ја очекувам седницата на ЦО на која ќе разговараме и за мојот статус, но и за погубните политики на дел од раководството кои не доведоа во оваа состојба. На СДСМ му се неопходни радикални промени и трансформации по вертикала и хоризонтала и начинот на практикување на власта, елиминација на лукративно -клиентелистичкиот пристап кои треба да бидат заменети со вистински државотворни политики базирани на идеологија во кои граѓанскиот ќе биде пред партиско – личниот интерес.
Ние власта од граѓаните ја добивме за да бидеме различни, а не исти или слични со претходните. Очекувам реализација на најавените оставки и кадровски смени во владата, но и во партијата бидејќи едно од нашите начела беше и дека “Зборот е збор”.
Граѓанскиот концепт “За наше Куманово” е формиран токму поради различностите со владата и несогласувањата со дел од раководството на нашата партија и убедливо ја доби поддршката на кумановчани кои за нас се приоритет во моментов.
Оваа силна поддршка за мене и луѓето од овој концепт е мотив повеќе за поголема посветеност во трансформацијата на Куманово, но и во борбата за поголема демократизација на државата.
Изминатиот период притисоците кон мене и нашите поддржувачи беа огромни, доаѓаа од луѓе кои се нарекуваат “мои сопартијци”, нема простор за разговор ниту договор со такви кои што срушија се, излегоа од начелата на СДСМ и се користеа со груевистички методи.
Нема да дозволам да бидам дел од нечии игри за собирање на евтини политички поени, мојот фокус во моментов е да ги реализирам сите ветени проекти за кои што добивме доверба од граѓаните притоа водејќи се по реални социјалдемократски начела“, се вели во статусот на Димитриевски.