Kандидатот за шеф на државата од Социјалдемократскиот сојуз, се очекува да биде објавен денеска од страна на лидерот на партијата, Зоран Заев. Највисокото раководство на „Бихачка“ вчера доцна попладнето имаше закажано координација по повод претседателските избори напролет.
Kако што брифираат од СДСМ, координацијата на двоецот Заев-Радмила Шекеринска и потпретседателите на партијата ќе го даде конечниот одговор кој од членовите на СДСМ ќе ја истрча трката за претседател на државата. На актуелниот прв човек на Советот на СДСМ за безбедност и НАТО-интеграции, Стево Пендаровски, веројатно само ќе му биде потврдена поддршката од централата на партијата, иако не се исклучува и можноста за изненадување. На состанокот, по кој ситуацијата ќе биде искристализирана, ќе присуствуваат и партискиот портпарол Петре Шилегов и првиот човек на СДСМ задолжен за медиуми и советник на Заев, Роберт Поповски. Kако што веќе објавивме, предлозите од општинските организации, но и тие коментирани во централата на СДСМ требаше прво да стигнат до Извршниот одбор на партијата, кој ќе достави предлог до Централниот одбор, по што ќе следува конгресот со конечниот список со кандидати. Иако има рок од уште околу десетина дена да го исфрли на површина конечното име за шеф на државата, коментарите меѓу партиските членови се дека СДСМ доста тактизираше за оваа постапка. Токму за ова прашање неодамна од СДСМ рекоа:
– Тактизираме од технички и тактички причини, не сакаме предвреме другите партии да го извалкаат името на нашиот кандидат – одговорија од „Бихаќска“.
Предлозите од локалните разграноци, односно процесот на самокандидирање, кој неодамна партијата го затвори, ја потврдија поддршката од членството за Пендаровски, но и за екслидерот на СДСМ, Бранко Црвенковски. Освен Денко Малевски и Илинка Митрева, чии кандидатури веќе се коментираат во СДСМ, изненадување беше што и професорката Kаролина Ристова-Астеруд доби поддршка од локалните социјалдемократи. Според наши информации, по координацијата, на оваа тема треба да заседава и Извршниот одбор на партијата. Останува отворено и прашањето дали конгресот на кој ќе биде потврден кандидатот ќе се одржи на 3 март или подоцна. Овој собир на СДСМ првично беше закажан за почетокот на месецот, но од партијата коментираат дека е можно да биде одложен за друг датум, поради можноста на 3 март да се изгласа распуштање на Собранието заради предвремени парламентарни избори заедно со вториот круг од претседателските.