Социјалдемократскиот сојуз на Македонија ноќеска нема да одржува повеќе пресконференции. Иако партиското раководство е во постојано заседавање, сепак никој не сака да коментира на кој начин ќе се реализира најавата на опозициската партија за непризнавање на изборните резултати.
Заев претходно објави дека СДСМ не ги признава изборите и бара итно да се формира техничка влада. СДСМ треба да се изјасни дали нејзините пратеници ќе ги вратат мандатите или ќе одлучат на друг начин да не ги признаваат изборните резултати.
На новинарско прашање какви ќе бидат следните чекори на опозицијата, откако СДСМ и здружената коалиција објавија дека не ги признаваат изборните резултати за парламентарните и претседателските избори, лидерот на пратијата, Зоран Заев изјави дека е можно да ги вратат пратеничките мандати за што ќе се одлучува во текот на утрешниот ден.
– Очекуваме ВМРО-ДПМНЕ да преземе итна реакција, бидејќи секој одминат ден нанесува огромна штета на Македонија. Дури и да победиме на изборите, ние нема да ги признаеме, бидејќи нам ни се случи изборен грабеж. Ова е наш конечен став. До денеска направивме се да не го урнисаме уставниот поредок и да не направиме уставна криза – изјави Заев.