Според објавените огласи, ски-центарот Заре Лазаревски бара 25 луѓе кои ќе работат на жичарницата и еден возач.
Се бараат работници кои ќе работат на ски-лифтовите и жичарницата во периодот од 15 декември до 15 март, како и возач на камион за чистење снег.
Работниците треба да не се постари од 35 години и да имаат возачка дозвола, да имаат средно или високо образование од електро или машински смер, а искуството во работата би било предност. Пријавувањето на заинтересираните кандидати е до 1 декември.
Во исто време оглас за вработување на персонал за претстојната туристичка сезона има и хотелот Бистра на Маврово.
Хотелот има потреба од сите видови хотелски персонал, а не е назначена бројката на луѓе која им е потребна за оваа сезона.
Според огласот, се бараат конобари и бармени и шанкери со 2 години работно искуство и познавање на англиски јазик и компјутери. Потоа се бараат готвачи со 3 години работно искуство и познавање на англиски и компјутери, а хотелот има потреба и од рецепционери кои треба да имаат најмалку 1 година работно искуство и исто така да имаат познавање од англиски јазик и работа со компјутери.
Потребни се и собарки за кои нема посебни услови освен што е посебно да имаат искуство во работата. За спа-услугите кои ги нуди хотелот има потреба од физиотерапевти и масерки, а на огласот се бара и сметководител.
-Годинава очекуваме значителен број на гости од подалечните земји како Кина, Полска, Русија, Швајцарија, Англија, Германија. Само уште снег фали и да ја стартуваме новата ски-сезона 2014/2015 – вели Томислав Саздовски, директор на ски-ресортот “Заре Лазаревски” и додава дека цените се на ланско ниво.
Според Саздовски новина е што оваа сезона ќе стартува спортска сала која е целосно опремена за спортување. Интересна е новогодишната понуда во хотелот Спорт и хотелот Маврово. За две вечери со вклучен појадок и вечера во Спорт цената за едно лице чини 140 евра, а во Бистра 160 евра, но само спиење со појадок.
Според него во ударната сезона во сабота и недела ски-картата за половина ден за возрасни чини 850 денари, а за деца до 12 години цената е 500 денари. Еднодневна ски-карта за возрасни чини 1.100 денари, за деца 800 денари, додека дводневната е 2.100 денари, односно 1.500 денари за деца.
Vecer