Кога бирате летување, поскапите аранжмани за летување преку агенциите, всушност можат да бидат и поевтини. Услугата „се вклучено“ не е подеднакво квалитетна во хотелите со три и оние со пет ѕвезди. И покрај тоа што услугата „all inclusive“ е најскапа, тоа е всушност најевтиниот начин на кој можете да летувате со децата, анализира српскиот портал Новости.
Концептот „all inclusive“ подразбира неограничена консумација на храна и пијалоци во текот на денот, а често се вклучени и многу други поволности. Најчесто, појадокот започнува рано наутро и трае до 10:30, за во 11 веќе да се служи ужинка. Ручекот почнува во 12 и трае до 16 часот. Потоа следува ужинка, голема количина на овошје и слатки покрај базенот, а во 18 часот веќе започнува вечера која трае до доцните часови. Концептот вклучува и неограничена количина на пијалоци и сладолед.
Во цената се вклучени и активности како билјард (најчесто со претходна резервација), фитнес, фудбал, кошарка, како и кино, анимации, ноќно шоу и забава на плажа, ручек во висококвалитетен ресторан со претходна резервација. Пешкирите и лежалките за на плажа исто така се бесплатни, користењето на забавниот аква парк со тобогани, а во некои хотели, зависно од категоризацијата, бесплатно е и дополнувањето на мини барот во собата. Велнес програмата овозможува неколку нешта (сауна, базен, фитнес), но не се вклучени и масажите.
Допонително се наплаќаат увезените флаширани пијалоци, свежо цедени сокови, видео игри, перењето алишта. А за и ова да биде бесплатно туристот треба да уплати „ultra all inclusive“
Не даваат сите хотели ист квалитет на услуги. Во врвните хотели пијалоците се служат во лименки и шишиња, а во некои соковите и водата се точат од автомат. Исто така, различен е и изборот на храната. Сето тоа зависи од категоризацијата на хотелот, колку повеќе ѕвезди има толку е побогата понудата, на пример во хотелот со 3 ѕвезди шведската маса не е толку богата и разновидна како во хотелот со 5 ѕвезди.
Концептот „all inclusive“ е најисплатлив за семејствата со деца. Во многу хотели има и детски катчиња каде вашите деца ќе уживаат, а во некои не се плаќа ниту воспитувачот кој се грижи и анамира една група на деца. Секако уште поисплатлив е за оние кои имаат поголеми деца, бидејќи во хотелите најчесто постојат и играчници со забава за тинејџерите, како фудбал, пинг-понг, и други спортови. Луксузните хотели често имаат и дискотеки, пишува Новости.
Туристите при избор на „all inclusive“ хотелите можат да изберат и хотели со аквапаркови или базени и тобогани.
Лидер.мк