Министерството за здравство го почна процесот за промена на Законот за прекинување на бременоста, информираа денеска од министерството. Од таму наведуваат дека по повеќе месечните консулатиции со претставници на граѓанските организации, целосно инклузивно и отворено ги прифатиле забелешките на сите засегнати страни, како и препораките на меѓународните организации и Светската здравствена организација.
“Волјата на жената ќе биде на прво место. Се измените на Законот се укинува задолжителното советување и чекање од 3 дена, како и задолжително формирање на Комисија до 22-рата гестациска недела од бременоста”, наведуваат од Министерството за здравство.
Од таму информираат и дека со промената на Законот ќе се укинат постојните административни процедури и бариери за спроведување на постапката за безбеден абортус.
“На жената ќе и се даваат комплетни, објективни и точни информации во врска со начинот на изведување на интервенцијата. Одлуката за прекин на бременост ќе може да ја донесе пациентката свесно, без принуда од кого било, како и да и` се даде поддршка на пациентката, без какво било искажување на осуда или обвинување од страна на здравствените работници. Дополнително ќе се намалат глобите поврзани со прекршоците” пишуваат од министерството.