По снежните врнежи што ја зафатија земјата, висината на снежната покривка во западните и северните делови во 13 часот изнесува 25 сантиметри во Пожаране, 23 Маврово, 10 Тетово и Лазарополе, 9 Крушево и помалку од 1 см на Скопје, информираат УХМР.
Постепено врнежите ќе се прошират насекаде, а во југоисточните делови ќе бидат најпрво од дожд. Во вечерните и ноќните часови ќе бидат интензивни и ќе се формира нова снежна покривка, на повеќе места со висина од 10 до 40 см.
На планинските места ќе има значително зголемување на снежната покривка, локално и над 50 см проследено со силен ветер кој ќе услови и снежни наноси. Ќе дува умерен, а долж Повардарието и на исток засилен југоисточен ветер, кој на моменти ќе достигнува брзина до 80км/ч, а во текот на ноќта ветерот ќе го промени правецот во северен.
Утре ќе се спушта многу студена воздушна маса од север со умерен до засилен северен ветер, која во наредните денови ќе предизвика променливо облачно и многу студено време со локален снег и појава на голомразица.