14 дена откако беше крвнички претепан Никола Саздовски , полицијата се уште трага по третиот осомничен напаѓач. МВР од вчера распиша централна потерница по него.
Полициските станици низ државата се запознале со случајот, испратена е слика и со здружени сили го бараат осомничениот. Другите двајца се во притвор и вчера за прв пат се соочија со јавниот обвинител.
Го искористиле правото на молк, се додека не им бидат презентирани доказите. Според адвокат на еден од нив, напаѓачите дури вчера разбрале дека врсникот кој го претепале починал по десетдневната кома. ВМРО ДПМНЕ бара оставка од министерот за внатрешни работи и обвинуваат дека МВР не презема соодветни дејствија за пронаоѓање на третиот осомничен.
Неофицијално, Саздовски автобус чекал заедно со неговата девојка која е еден од клучните сведоци. Обвинителството сослушува и други очевидци, лица кои можат да помогнат во расветлување на овој случај.
Се прибираат доказите и анализите од обдукцијата на 21 годишното момче по што обвинителот ќе треба да одлучи дали и како ќе го преквалификува делото за кои ги гони осомничените.
За нападот најверојатно обвинителството добило и видео снимка каде јасно се гледа на кој начин е извршено делото.
За тројцата напаѓачи беа поднесени кривични пријави за Насилство со смртни последици за што законот предвидува затворски казни од 3 до 10 години.
Медиумите пишуваат дека Саздовски бил следен околу еден месец од напаѓачите и добивал закани но институциите не откриваат детали.