Затворен е целиот простор околу фонтаната на Александар Македонски во Скопје, ќе се заменуваат плочките и ќе се враќа коцката во вториот дел од реализација на проектот за обнова на Плоштадот.
“Почна вториот дел од реализација на проектот за обнова на Плоштадот. Во овој дел треба да се заменат плочките. Сè се одвива според предвидената динамика”, рече Неделчо Крстевски, портпарол на Град Скопје.
Претходно се монтираа прскалките за новата фонтана, а на целото градилиште веќе се извадени старите плочки и ископани се дупки за поврзување на инсталацијата за прскалките.
Новата коцка ќе биде изработена од мермер со димензии 5х5 сантиметри, со црна и бела боја и ќе се употреби за изработка на мозаикот. Современата фонтана пак, ќе биде со димензии 15×15 метри со 128 прскалки, кои ќе се употребуваат само во летниот период, а ќе биде поставена на просторот помеѓу Камениот мост и постојната фонтана.
Враќањето на коцката на Плоштад и изведбата на новата фонтана чини 2,4 милиони евра. Парите за оваа реконструкција се обезбедени од Владата и од Град Скопје.