Четириесет и пет до педесет проценти од полнолетните жители во Македонија се пушачи, покажуваат последните податоци на Институтот за белодробни заболувања и туберкулоза чии екипи по повод Светскиот ден против пушењето – 31 Мај денеска на заинтересирани граѓани им правеа тестови за белодробна функција која може да е оштетена од пушењето и даваа совети за штетните ефекти од пушењето.
Регистрираните 700.000 пушачи во Македонија, според истражувањата на Институтот, годишно трошат 11 тони цигари, или 5,5 килограми тутун по глава на жител.
Според Билјана Илиевска Поповска, медицински директор на Институтот за белодробни заболувања и туберкулоза, пушењето е ризик фактор за огромен број болести и оти нема орган во организмот каде не предизвикува штетни ефекти. Апелира пушачите да се откажат од штетната навика, а младите воопшто да не посегнуваат кон цигарите и да се посветат на здрав живот.
-Кај сите пушачи чадот од цигарите причинува голем број абнормалности во организмот. Од главните состојки кои се издвојуват од чадот никотинот е најсилниот алкалоид од цигарите кој причнува зависност, а катранот е супстанцата поради која се умира поради лошите пушачки навики кои предизвикуваат бројни патолошки промени во организмот. Навлегува преку респраторниот систем, се таложи во белите дробови, навлегува во циркулацијата и преку неа ги оштетува сите органи, изјави Илиевска Поповска.
И една испушена цигара, укажа, кај различни индивидуи може да предизвика патолошки процеси.
-Бројот на испушените цигари дневно и должината на пушачкиот стаж се пресудни фактори за појава на одредени заболувања, но промените што ќе настанат кај различни индивидуи зависат од индивидуалната предиспозиција. Не значи дека сите пушачи ќе се разболат или пак дека секоја болест поврзана со пушењето ќе се јави кај сите пушачи, истакна Илиевска Поповска.
Како што појасни, пушењето е ризик фактор број еден за хронично опструктивна белодробна болест (ХОБ), што се карактеризира со кашлица, тешко дишење, замор, гушење, како и за белодробен карцином, но и многу други забволувања. Од лицата кои имаат ХОБ 80 проценти се пушачи.
Мотото на Светска здравствена организација годинава е апел до сите земји „Бидете спремни за едноставни, обични пакувања на цигарите”, што значи забрана или рестрикција на употреба на лого, слики, пораки и слично на кутиите за цигари. Ова ја намалува атрактивноста на пушачките продукти, ја ограничува примената на кутиите како место за информации и податоци и ја зголемува ефективноста на грижата за здравјето. Може да бидат напишани само името на продуктот и брендот во обична боја.
Податоците на СЗО покажуваат дека на секои шест секунди едно лице умира од болест поврзана со пушење, а една испушена цигара го скратува животот за 12 минути. Во светот тутунот убива околу шест милиони луѓе секоја година, од кои пет милиони пушачи, а над 600.000 починале како резултат на изложеност на цигари. Речиси 80 проценти од вкупниот број пушачи во светот, што се проценува на околу милијарда се од земји со низок и среден доход.