Општина Струга нема добиено никаков одговор од Министерството за локална самоуправа за територијална поделба помеѓу општина Струга и Вевчани. Струшкиот градоначалник Села побара од ресорното министерство да му достави мапа за да се преиспита отстранувањето на албанскиот јазик од сообраќајните знаци на магистралниот пат Струга-Дебар, јавува тв Алсат.
Во телефонска изјава за Алсат-М, Села рече дека во прашање е и триумфалната капија која ќе биде урната ако се утврди дека е поставена во територијата на општина Струга.
Тој став Села го соопшти и на првата реакција после отстранувањето на таблите со натпис на албански јазик. Според градоначалникот на Струга, ако се потврди дека таблите и триумфалната капија се на територија на друга општина, треба да реагираат албанските претставници во извршната власт, кои, според него, до сега молчеле за овој, како што оцени, срамен чин. Ако тие продолжеле да молчат, Села вели дека ќе знае како да одговори на ваквите провокации.