Жители од Липковскиот регион велат дека не се изненадени од инцидентот, бидејќи речиси цел месец во тој реон „се движела група и вршела одредени притисоци“, јави Дојче веле.
„Состојбата во општина Липково е мирна“, вели градоначалникот Садула Дураку, чија канцеларија се наоѓа на 10 километри од Гошинце, односно на 20 километри од полициска станица која рано утрово, според МВР, била нападната од 40-тина лица во маскирни униформи на УЧК, а четворицата дежурни полицајци – врзани и потоа избркани.
– Добро е што состојбата е мирна. Засега нема никаква вознемиреност, но факт е и дека многу од граѓаните се уште не знаат што се случило. Генерално, во целиот изминат период состојбата на ова подрачје беше мирна и без никакви инциденти досега – вели Дураку, нагласувајќи дека сите информации треба да се бараат од полицијата, бидејќи тој нема никакви сознанија за настанот.
Спротивно од тврдењето на градоначалникот, за локалните жители не е изненадување тоа што се случило, бидејќи речиси цел месец во тој реон „се движела поголема непозната група и вршела одредени притисоци“. Слични информации обелоденуваат и поранешни команданти на ОНА од липковскиот крај, кои денес се маргинализирани, отфрлени и без никаква можност за ресоцијализација и интеграција во системот. Тие тврдат дека целиот настан е „местенка“ од страна на владејачките елити, со цел да го оттргнат вниманието од скандалите во кои се вмешани, а ги обелоденува опозицијата преку т.н. „бомби“, пишува Дојче веле.
Целосниот текст прочитајте го тука.