Жителите на градот Кируна во Шведска ќе мора да се селат. Тие не се селат далеку – само три километри на исток, но тоа сепак мораат да го направат. Имено, градот лежи на рудник за железо, еден од најголемите во светот.
Компанијата која е во државна сопственост и која управува со рудникот, вели дека по години на ископувања, земјата на која лежат домовите на 18.000 жители, веќе не е стабилна. Затоа, во оваа акција без преседан, се сели целиот град. Компанијата „Луошаваара-Киирунаваара АБ“ (ЛКАБ) ги предупреди локалните власти дека подлабоките ископувања може да ги нарушат темелите на градот.
На одлуката за преселување и претходиле 10 долги години на планирање на самиот чин. Во март била ангажирана и архитектонска фирма од Стокхолм да го спроведе проектот под име „Кируна 4-евер“ (Кируна засекогаш).
– Да се дизајнира ова преселување е историска задача, вели Моника фон Шмалензе, извршен директор на „Вајт Архитектера“.
Повеќето згради ќе бидат урнати, но сите историски значајни знаменитости, како што е старата црква, прогласена во 2001 година за најубава градба во Шведска, ќе бидат внимателно демонтирани, а потоа повторно склопени на нова локација.
ЛКАБ веќе вложи 397 милиони евра за да ја премести Кируна, а подготви уште 7,5 милијарди шведски круни (приближно милијарда евра) за преостанатата трансформација.
Потегот, меѓутоа, нема да биде брз. Компанија планира да го заврши дури во 2033 година.