Селма Хаек во средата во колумната за „Њујорк тајмс“ проговорила за сопственото непријатно искуство со холивудскиот продуцент Харви Вајнстин, кого во последните неколку месеци десетици актерки го обвинија за сексуално вознемирување, пренесува „ЈуЕс тудеј“.
Актерката Селма Хаек изјавила дека доживеала „кошмарно искуство“ откако го одбила холивудскиот продуцент Харви Вајнстин во текот на снимањето на филмот за мексиканската сликарка Фрида Кало.
Непристојни предлози
Во сведоштвото, коe го објави весникот „Њујорк тајмс“, Селма Хаек за Вајнстин рекла дека со години бил „нејзин монструм“.
Актерката опишала дека продуцентот се појавувал пред нејзината врата „во која било доба на ноќта, во хотелот или во местото на снимањето“. Селма рекла дека ги одбивала предлозите за масажа, туширање и сексуални односи на Вајнстин, наведува агенцијата АП.
Таа навела дека продуцентот на снимањето на филмот „Фрида“ имал непристојни барања, особено за експлицитните сцени.
Селма напишала во колумната дека, само за да го заврши снимањето на филмот, на негово инсистирање се согласила во сцената со секс да биде гола снимена однапред, но во текот на снимањето на таа сцена доживеала нервен слом.
Орално да ја задоволи
– Сешто бараше од мене, но секое негово барање категорично реков „не“ – сакаше да се тушира со мене, или барем да ме гледа додека се туширам, ми нудеше масажа па ми предлагаше неговиот пријател да ме масира, и тоа сосема гол, дури ме праша дали смее орално да ме задоволи… Откако сето од наведеното одбив, ми се закани дека ќе ме убие… Ме навредуваше пред сите на сетот. Тој е вистинско чудовиште – напишала Селма во колумната.
Убавата актерка додала и дека Вајнстин ја присилил да сними сексуална сцена со друга жена. Селма се согласила, но многу се мачела задачата да ја одработи како професионалка, што инаку е.
– Моето тело почна неконтролирано да се тресе. Плачев како „дождлива година“, не поради голотијата, туку поради фактот што другата актерка и јас моравме да се соблечеме голи поради тип каков што е Харви. Пиев таблети за смирување, тоа беше единствен начин да го преживеам понижувањето, повраќав и плачев – тврди Селма.
– Зошто толку долго молчев? Се ужаснував од фактот дека сето ова што ми се случи, ќе мора да им го објаснам на своите најмили – ја завршила својата исповед 51-годишната мексиканска актерка.
Клуни и Тарантино ја спасиле
По траумата што ја доживеала на сетот, холивудската дива заклучила дека манијакот Вајнстин не ја силувал само затоа што знаел дека режисерот Квентин Тарантино и актерот Џорџ Клуни, со кои го сними филмот „Од самракот до зората“, ѝ се многу блиски пријатели. Веројатно, верува Селма, на некој начин Вајстин се плашел од нив.