Семејна трагедија во Битола – Мајка почина на погребот на својот син


Кога сега покојниот Кире (48) по долго двоумење и размислување собра храброст и се одлучи да оди на операција на туморот во главата на Клиниките во Скопје, неговата мајка Живка (79) го испрати со огромна надеж и верба дека по операцијата конечно синот ќе се ослободи од туморот и ќе почне да живее нов живот. Вечерта пред да го оперираат Кире, Живка постојано се молеше за неговото здравје. Иако стравуваше за исходот на операцијата, сепак не губеше надеж.

Но, за жал, Кире не ја издржа операцијата и почина во Скопје. Кога ѝ ја соопштија тажната и страшна вест за неговата смрт Живка едвај остана на нозе. Живка никако не можеше да сфати дека нејзиниот 48-годишен син Кире, татко на две деца, не ја издржа операцијата и веќе го нема.

pomen-1Наредниот ден, кога Кире требаше да биде погребен на Светонеделските гробишта, неа едвај ја донесоа до капелата. Иако ѝ беше тешко и беше скршена од болката за смртта на својот син, таа собра сили и со доста напрегање дојде до капелата. Седна на еден од столовите, а вкочанетиот поглед постојано ѝ беше упатен кон мртвото тело на нејзиниот син. Во еден момент нешто како да ја стегна во градите. Без глас и врисок падна покрај мртвото тело на својот син.

Веднаш притрчаа нејзините најблиски, искусната лекарка од Клиничката болница, која ѝ беше прва сосетка. Почнаа да ја освестуваат, но таа не даваше знаци на живот. Во капелата настана невидена паника. Во тој момент сите за миг заборавија на мртвото тело на Кире и притрчаа да ѝ помогнат на Живка.

За само неколку минути пристигна и брзата помош. Откако лекарот ја прегледа, веднаш ја пренесоа во Клиничката болница во Битола. Со неа заминаа и некои нејзини роднини. Но, за жал, Живка не се разбуди во Клиничката болница. Нејзиното срце престана да чука. Болката беше толку голема што не издржа. Живка не стигна да го погребе својот син Кире, кого толку многу го сакаше. Дента Кире го погребаа без неа.

Наредниот ден, покрај гробот на Кире на Светонеделските гробишта, ја погребаа и неговата мајка Живка. Судбината сакаше да ѝ се исполни нејзината последна „желба“, по смртта на Кире, да починe и заедно да бидат на тој свет.

Оваа семејна трагедија ја потресе цела Битола, не само жителите од населбата Ушици, каде што живееше семејството Џајковски. Инаку тие се позната фамилија од Битола, која со децении имаше дуќан во Старата битолска чаршија во кој продаваа петлици. По смртта на сопственикот на дуќанот Џајко, Кире го наследи него и го презеде неговиот бизнис.

И покрај кризата, долги години успешно го водеше дуќанот. Но последните години тој се разболе. Му пронајдоа тумор на мозокот. Неколку години живееше со таа болест и не ризикуваше да се оперира. Но кога болеста се прошири, тој собра храброст и замина на операција во Скопје.

Иако лекарите не беа многу оптимисти, тој во Скопје замина со голем оптимизам дека конечно ќе се ослободи од туморот. За жал, се покажа дека операцијата беше премногу ризична за него. Тој не издржа и почина. Неговата мајка не можеше да се соочи со тажната судбина. Нејзиното срце не издржа.
Мајката Живка замина наредниот ден на оној свет со својот сакан син Кире.

Нова Македонија 

MK News

Автор инфо

No comments yet.

Остави коментар

UA-33057274-1