Градските власти ќе дадат најмногу до 500 евра на секое домаќинство кое ќе се реши да купи печка на пелети, но притоа да нема приклучок на градското парно.
Оваа одлука е една од мерките на Град Скопје за заштита на воздухот од прекумерно загадување. Заинтересираните домаќинства ќе можат да се пријават на јавниот оглас кој градските власти ќе го распишат откако одлуката и официјално ќе биде одобрена од Советот на Град Скопје.
За спроведување на оваа мерка, од буџетот на Град Скопје ќе бидат издвоени околу 96.000 евра, односно, субвенции ќе има за нешто помалку од 200 домаќинства, ако се има во предвид дека ќе се субвенционира износ од 70 отсто на вредноста на печката, но не повеќе од 500 евра.
Во предложената одлука на Градот е напоменато дека субвенциите ќе важат исклучиво за граѓаните со место на живеење е на подрачјето на Скопје. Целата постапка, утврдување на веродостојноста на набавката, исплатата на субвенциите и слично, ќе биде спроведена од страна на специјална комисија.
-Исплатата на средствата ќе се врши во континуитет, според редот на пристигнати пријави, с` до исполнување на предвидениот буџет за оваа намена. Градот Скопје, во зависност од динамиката на пристигнување на пријавите, периодично ќе ја известува јавноста за преостанатите средства до крајот на повикот – појаснуваат од Градот.
Рокот за објавување на јавниот повик е веднаш по стапување во сила на Програмата за субвенционирање на граѓаните на подрачјето на Град Скопје за купување печки на пелети за 2016 година, а ќе трае до 30 ноември. Субвенциите за печките на пелети, како што велат од Градот, е само една од мерки за заштита на амбиенталниот воздух.