Семејството на Димитар Матилоски, кој беше убиен за време на новогодишната ноќ пред кафуле во центарот на Охрид, не е задоволно од обвинителниот акт поднесен против обвинетиот српски државјанин, Бојан Угреновиќ.
Цветанка Матилоска-Пешиќ, сестра на жртвата, денеска изјави дека поднесениот обвинителен акт против 29-годишниот жител на Краљево за обично убиство не соодветстува на фактичката состојба бидејќи како што рече, се работи за убиство на свиреп и подмолен начин, кривично дело што предвидува далеку поригозна санкција за извршителот на делото.
– Нашата загуба е ненадоместлива, а нашето барање е Судот да постапува според законот и да биде задоволена правдата, рече сестрата на убиениот.
Застапникот на оштетената страна, адвокатот Еленко Миланов, појасни дека целата истрага во досегашниот тек била водена за кривично дело „убиство на подмолен и свиреп начин“, додека во обвинението поднесено пред десеттина дена Обвинителството во оваа фаза одлучило истото да биде преиначено само за дело „убиство“.
Инцидентот се случи на 1 јануари оваа година пред кафулето „Табана“ во центарот на Охрид. До смрт беше претепан Димитар Матилоски (27) од страна на српскиот турист Бојан Угреновиќ, кој во кафулето престојувал за новогодишните празници. Притоа на Матилоски му биле нанесени тешки телесни повреди по главата и телото. Димитар бил пренесен во Општата болница во Охрид каде по половина час им подлегнал на повредите.