Лиле Делиџакова, сестрата на специјалната обвинителка Катица Јанева, засега ќе остане на гевгелиска адреса, затоа што немаше доволен број на пратеници за гласање за нејзин избор за втор човек на комисијата за хартии од вредност.
Опозиционата ВМРО-ДПМНЕ жестоко ја искритикува Делиџакова чиј избор во комисијата го оцени како несоодветен бидејќи немала ниту доволно искуство.
Пратеничката на ВМРО-ДПМНЕ, Невенка Стаменковска, тврди дека Лиле Делиџакова, која е предложена за портпретседател на Комисијата за хартии од вредност и која е сестра на јавната обвинителка Катица Јанева, на денешната собраниска расправа рече дека Делиџакова била на два пати бркана и суспендирана од работа во Царинската управа.
Пратениците на ВМРО-ДПМНЕ се побунија што биографијата на Делиџакова денеска им е доставена на службените мејлови, иако предлогот на Владата влезе во собраниска процедура пред речиси еден месец.
Според Стаменковска, Делиџакова дала изјава дека не е член на политичка партија, изјава која е заверана на нотар неколку дена откако Владата донела одлуката да ја предложи за член на КХВ.
-Изјавата дека не е чле на политичка партија е дадена на 16.02.2018, истата изјава во Гевгелија на 24.04 е заверена на нотар, а на седницата на Влада на 17.04 е донесена одлука да ја изберат за заменик претседател – рече Стаменковска и додаде дека Делиџакова воопшто се нема пријавено на конкурсот.
Од владеачката СДСМ никој не возврати, а кога дојде време за гласање, пратениците на ВМРО-ДПМНЕ ги напуштија столчињата и за Лиле Делиџакова не беше гласано. Ќе се гласа кога ќе се создадат услови, рече претседавачот Мисовски кој го водеше и гласањето за избор на претседател на Комисијата за хартии од вредност. Нора Алити во наредните 5 месеци ќе ја води комисијата, мнозинството смета дека таа е и стручна и непартиска иако до 2016-та година беше пратеничка од ДУИ.
Пратениците успеаја да ја изберат Алити и уште еден член на Комисијата за хартии од вредност која е независно тело за надзор на берзата и пазарот со акции.