Специјалната јавна обвинителка Катица Јанева попладнево соопшти дека поднесува неотповиклива оставка од функцијата. Оставката ќе важи откако партиите ќе договорат нов закон за СЈО и ќе изберат наследник.
„„Со месеци ги следам медиумските прилози за преговорите меѓу работните групи на партиите за иднината на Специјалното јавно обвинителство.Денеска ја користам приликата да ја информирам јавноста дека јас нема да дозволам моето име да биде искористено за нечие алиби со кое во заложништво ќе се држат судбината на Специјалното јавно обвинителство и европските интеграции на мојата земја.“
„Ја депонирам мојата оставка која ќе стане активна тогаш кога политичките партии ќе се усогласат за новото законско решение и ќе го изберат мојот наследник“, пишува Јанева во оставката.
Јанева беше на чело на Специјалното јавно обвинителство од 2015.
Во нејзиниот мандат беа покренати повеќе обвиненија против функционери на ВМРО ДПМНЕ, за кривични дела кои произлегоа од содржината на незаконското следење на комуникациите.