Шекеринска: Има структури кои не сакаат Македонија да стане пристојно место за живеење


Во Македонија и надвор од земјата постојат структури кои не сакаат оваа држава да стане пристојно место за живеење, кои не сакаат Македонија финално да се стабилизира, и кои не сакаат да успее во своите стратешки приоритети – членка на НАТО и членка на ЕУ.

Ова денеска го изјави министерката за одбрана Радмила Шекеринска, демантирајќи уште еднаш дека на воениот полигон Криволак се користи муниција со осиромашен ураниум.

– Лага е дека на Криволак се користи осиромашен ураниум и неодговорно е и антидржавно и срамно што некој се обидува да ја злоупотреби. Најостро и најдецидно ја демантирам дезинформацијата со којашто сакаат граѓаните да се уплашат, рече таа во изјава за медиумите на Отворениот ден на АРМ за граѓаните.

Шекеринска истакна дека Македонија повеќе од 14 години учествува во мисиите на НАТО, а над десет години на Криволак се одвиваат и македонски и регионални и вежби на НАТО.

– Зар не е малку чудно што првпат, после овие 10-15 години, во последнава година наеднаш се појавија дезинформации околу можните опасности, праша Шекеринска, додавајќи оти во изминатава година секојпат кога државата ќе забележи успех, тие излегуваат со лаги и дезинформации.

– Ги демантирам и порачувам дека овие лаги нема да не обесхрабрат, да го работиме тоа што ни го доверија граѓаните – да ја направиме Македонија подобра држава. Ве поттикнувам вас и како новинари и како истражувачи да ги видите линковите, да се обидете да дознаете што е во позадина. Нас нема да не дефокусираат да се занимаваме со нив, наместо да се занимаваме со нашата задача, имаме стратешки приоритет, имаме државни цели, и фокусирани сме на нив. Меѓутоа факт е дека исти луѓе, иста држава 10-15 години не гледала проблем во сите овие работи, бидејки нема таква опасност, оцени министерката за одбрана.

Шекеринска рече дека сака државата да е побезбедна и постабилна, а со тоа и еколошки почиста.

– Јас сум државјанин на оваа држава, немам резервни пасоши, немам резервни татковини, немам сметки на Белизе, и единствено нешто што сакам е државата да ми биде подобра, постабилна, побезбедна, па и еколошки почиста. Убедена сум дека никој од нас, такво нешто не би дозволил ниту за себе, ниту за своето семејство, ниту за својата држава, посочи Шекеринска.

Во изминативе денови на социјалните мрежи се појавија информации дека на воениот полигон Криволак ќе се користи муниција со осиромашен ураниум, што веднаш беше демантирано и од страна на Министерството за одбрана, кое одговори дека „ваквите лаги имаат за цел да ја поттикнат недовербата на граѓаните во НАТО и се во функција на негативна кампања за претстојниот референдум“.

MK News

Автор инфо

No comments yet.

Остави коментар

UA-33057274-1