Холивудската актерка Шенон Доерти, која се прослави со улогата во хит-сериите „Беверли хилс“ и „Волшебнички“ неодамна мораше да се подложи на мастектомија откако ѝ беше дијагностициран рак на дојката, а сега актерката во својата исповед за „ЕТ“ раскажала дека ќе мора да оди на хемотерапија и зрачење, бидејќи ракот се проширил.
– Ракот се прошири на лимфните јазли, а според последните лекарски наоди, постои можност ракот да се проширил и надвор од лимфните јазли. Поради тоа ќе морам да одам на хемотерапии, а потоа и на зрачење – рекла актерката во интервјуто за „ЕТ“.
Освен тоа, актерката открила и дека во мај лекарите ѝ ја отстраниле едната дојка, но дека, и покрај сè, не се откажува од борбата против страшната болест.
– Се ужаснувам од она што ме чека, а најмногу се плашам од непознатото. Прашањата што ми поминуваат низ главата се: „Дали хемотерапијата ќе даде резултати“, „Дали ќе ми биде подобро по зрачењето?“, „ Дали ако сега го победам ракот, болеста ќе се врати?“. Сето останато можам да го истрпам и поднесам. Болката може да се поднесе, животот без дојка исто така, но ме загрижува дали сè ќе биде добро, дали утре ќе бидам тука, тоа е неподносливо – рекла Шенон во интервјуто за „ЕТ“.