Шербеџија стана Македонец – ќе го снима „Ослободување на Скопје“


Во септември, актерот Раде Шербеџија, кој од вчера е натурализиран Македонец, ќе го снима неговиот прв долгометражен игран филм „Ослободување на Скопје“. Локациите се Битола и Велес. Познатиот актер вчера се сретна со министерката за култура Елизабета Kанческа-Милевска, која му го честиташе државјанството, што го добил по негово барање. Шербеџија кажа дека ова државјанство дошло по природен пат.

rade serbedjija– Јас сум познат во целиот свет. Луѓето ме среќаваат и се фотографираат со мене насекаде. И сите ме познаваат како Александар од „Пред дождот“ така што ова државјанство е логично – рече Шербеџија додавајќи дека цел живот ја сакал македонската музика, а и дека изведувал македонски песни на своите настапи.

Од актерската екипа со која ќе соработува засега ја издвои само Силвија Стојановска, со која играше и во „Пред дождот“.

– Имаме одличен избор на актери. Речиси сите се од Македонија. Некои нови, млади лица. Требаше јас да бидам странец, но, ете, сега и јас сега не сум – рече Шербеџија.

Филмот ќе се снима седум недели, и тоа на македонски јазик. Ќе бидат вклучени голем број филмски работници од Македонија, а во авторскиот дел работат Иван Бартлинг, музиката е на Влатко Стефановски, а зад камерата е Дејан Димески. Во продукцијата се вклучени и Горјан Тозија и Владимир Анастасов-Вац. Филмот е копродукција помеѓу Македонија, Хрватска, Белгија, Исланд, а можно е да се вклучи и Финска.

– Цел живот бев заразен со идејата за „Ослободување на Скопје“. И Ѓорѓи, што го играв во ТВ-филмот, е можеби најголемата улога во мојот живот. И таа приказна за млад човек и девојка и за нивната невозможна љубов меѓу Германец и Македонка, што во тоа време е незамисливо, тој е окупатор, но добар човек е. Препознав дека светот ја сака и ја памти таа приказна и посакав да го снимам филмот – рече Шербеџија.

MK News

Автор инфо

No comments yet.

Остави коментар

UA-33057274-1