Шеснаесет лица загинаа, повеќето унгарски тинејџери, кои се враќале од скијање во Франција, во сообраќајната несреќа која се случила ноќта кон саботата кај Верона, во северна Италија, кога нивниот автобус излетал од патот и се запалил, а бил извлечен утрото околу 8 часот.
Во автобусот биле најмногу средношколци од Унгарија, наставници и родители. Четириесетина лица се повредени, пренесува агенцијата Ansa. Според весникот Corriere della Sera, во автобусот најголем број од патниците биле тинејџери на возраст меѓу 14 и 18 години.
Автобусот слетал околу полноќ кај Сан Мартинот Буон Алберго во близина на излезот од автопатот А4 кај Верона,удрил во столб и се запалил. Според првичните информации, некои од патниците излетале низ скршените стакла, но повеќето останале блокирани во запалениот автобус.
Унгарскиот министер за надворешни работи Петер Сијарто изјави на прес-конференцијата дека тинејџерите се од една гимназија од главниот град Будимпешта. Додаде дека засега нема сигурни податоци за бројот на патниците, но дека директорот секако о знае тој податок.
Портпаролот на унгарското министерство за надворешни работи изјавил дека во автобусот имало 60 луѓе, додека медиумите оперираат со бројката од 55 лица.
Сијарто додаде дека едно од повредените лица е во кома, како и дека 12 патници се во добра состојба и остануваат во хотел во јужниот дел од провинцијата Верона.
Началникот на локалната сообраќајна полиција Џироламо Лакванти за телевизијата SkyTG24 изјави дека причината за несреќата доправа треба да се утврди. „Засега немаме информации дека уште некое возило на кој и да е начин учествувало во несреќата, изгледа дека автобусот самиот од себе излетал од патот“, додал. Според него, најверојатно станува збор за грешка на возилото, или на возачот му се слошило или заспал.
„Во молитви сум со семејствата и пријателите шокирани од трагедијата“, изјави унгарскиот премиер Виктор Орбан, во писмена изјава која ја пренесе агенцијата MTI. Според извештаите, семејствата на настраданите се на пат кон Италија.