Град Скопје на старата локација ќе изгради нов тематски забавен парк, што ќе биде регионална атракција, имајќи предвид дека ваков парк не постои во радиус од 250 километри. Содржините на тематскиот парк денеска беа презентирани од градоначалникот Петре Шилегов и од проектантот и архитект, Франко Бараѕони, претставник на италијанската компанија на „Баусаа“, кои ги изработија и се донатори на студијата и планот за изградба.
Како што информира Шилегов, новиот забавен парк опфаќа повеќе од 24 најсовремени реквизити, како и заеднички јавен простор, ресторани и тоалети. Проектот е насловен „The World“, бидејќи, како што посочи Шилегов, ќе биде како забавните паркови низ светот, односно ќе биде место што ќе добие магија и место каде семејството ќе може да го потроши целиот ден.
Архитектот Бараѕони информира дека проектирано е во паркот да има три зони: детска, фамилијарна и адреналинска зона, во кои ќе се постават различни реквизити и содржини.
Забавниот парк, како што рече Шилегов, ќе се простира на околу 26.000 квадратни метри, и ќе обезбеди најмалку 100 нови директни вработувања, а над 500 индиректни вработувања.
Шилегов соопшти дека паркот ќе се протега на истата површина како и досега и нема да се уништува постојното зеленило во Градски парк, а во паркот нема да биде исечено ниту едно дрво за негова изградба. Сите реквизити во паркот ќе се поставуваат, односно лоцираат, според постојните дрвја на парцелата. Од Град Скопје очекуваат паркот да биде готов до средината на следната година.