Школувањето е бесплатно? Родителите мораат да купат телевизор, завеси, фотокопир за училиштата –


Набавката на скапите апарати не треба да паѓа на товар на родителите, оти не може секој од нив да си дозволи да издвои средства. За тоа треба да се погрижат директорите, општините и државата, бидејќи бесмислено е родител да плаќа кога образованието на неговото дете е бесплатно, пишува Нова Македонија

ucilnica-so-tv Од влажни марамчиња, течни сапуни и чашки за акварел-боички до клима-уреди, фотокопири, завеси, телевизори, ДВД-апарати – сето ова изминатава недела, откако почна новата учебна година, се наоѓа на списоци што некои наставници од основни училишта им ги даваат на родителите, кои, пак, пожелно е да ги набават. Никој не ги обврзува и принудува, но стојат во ставката „потребни работи“. Оправдувањето за ваквите постапки е дека треба да се опреми училницата, за да се обезбеди поквалитетна и посовремена настава.

Ако во минатото родителите со наставниците зборуваа за тоа што и колку научило нивното дете, сега на родителските состаноци главна тема е како да се набават материјали и апарати за да се осовремени наставата.

Набавката на клима-уреди и телевизори не треба да паѓа на товар на родителите, оти не може секој од нив да си дозволи да донира пари за нешто скапо. За тоа треба да се погрижат директорите, општините и државата, бидејќи бесмислено е родител да плаќа кога образованието на неговото дете е бесплатно, пишува весникот.

Нова Македонија разговарале и со неколку директори – еве што велат тие

Раде Жегарац, директор на „Блаже Конески“, вели дека во ова училиште не смее да се бара од родителите да купуваат ништо друго освен работна тетратка по математика.

– Илузорно е од родители да се бара да набавуваат предмети што не чинат малку пари. Особено со оглед на тоа што не секој родител е способен финансиски да донира за нешто такво. Во „Лазо Ангеловски“, училиштето во кое бев претходно директор, имаше група родители што бараа да дозволам да набават клима-уреди. Тоа го дозволив и се согласив да плаќам повисоки сметки за струја, но набавката беше по иницијатива на родителите, а не на училиштето. Ние сме менаџери, сами треба да наоѓаме фирми што би донирале, а не тоа да биде на грбот на родителите – вели Жегарац.

Неговата колешка Билјана Индова, пак, од училиштето „Браќа Миладиновци“ не гледа ништо спорно во тоа ако родителот по сопствена иницијатива сака да купи нешто што ќе им биде од корист и на учениците и на училиштето.

– Баш оваа година имам родителка што самата сакаше и купи паметна табла и за тоа сум ѝ благодарна. Тоа не е нешто што е забрането. Од друга страна, знаете дека училиштата кубурат со пари. Оние малку средства што ги имаме ги користиме за набавка на материјали, нагледни средства што се потребни за наставата и за наставниците, но она што е луксуз не можеме да го дозволиме. Секако дека сум против тоа да се бара и да им се наметнува на родителите да купуваат што било. Таков случај во нашето училиште нема – информира Индова.

За родителите образованието не е бесплатно

Точно е дека имаме бесплатни учебници, бидејќи ги дава Министерството за образование и наука. Но јас како родител не сум претпоставувал дека за во училиштето ќе треба да набавувам, на пример, шкафчиња за во училницата, вели родител на ученик во едно скопско основно училиште.
На списоците што ги добиле родителите на првачиња во повеќе основни училишта се и водени боички, дрвени боички, моливи, гуми, папка за акварел, блокови за цртање, но и средства за хигиена, како влажни марамчиња и течни сапуни.

МОН: Родителите немаат обврска да купуваат 

Oбразoванието е бесплатно, а родителите немаат законска обврска да купуваат и донираат за училиштата, информираат во Министерството за образование и наука.
– Може да донираат само по своја иницијатива, никој не смее да им бара. Но ако се работи за поголема инвестиција, на пример за телевизор, мора за тоа да постои одлука на училишниот одбор – вели Давор Политов, портпарол во Министерството.

Повеќе на – Нова Македонија 

ПРАШАЊЕТО Е КОЈ РОДИТЕЛ ЌЕ РЕЧЕ НЕ НА НАСТАВНИЧКАТА – ПОСЕБНО АКО ОСТАНАТИТЕ РОДИТЕЛИ ДАВААТ ПАРИ. Ги прашува ли некои родителите дали имаат? па и да имаат – на нив ли е да ги купуваат овие работи за училиштата?? каде е државата. И еве проста математика – секоја година по нешто од родителите се купува – па досега училиштата требаше да бидат најмодерни и полни со инвентар. Води ли некој сметка што е купено од родителите?? 

Tags:

MK News

Автор инфо

No comments yet.

Остави коментар

UA-33057274-1