Пентагон денес ги отфрлил тврдењата дека двајцата киднапирани дипломати на Србија загинале во американските воздушни удари на базата на ИСИС во Либија.
Портпаролот на Пентагон, Џеф Дејвис, рекол дека по анализата на фотографии од базата на џихадистите и телата на двајцата државјани на Србија, било утврдено дека не постојат докази кои укажуваат на тоа дека Слаѓана Станковиќ и Јовица Степиќ биле убиени во нападот.
Тој прецизирал дека не постои ништо што укажува дека смртта на Србите е резултат од бомбардирањето.
Според неговите зборови, телата на загинатите би биле во многу полоша состојба доколку биле убиени во масовниот воздушен удар.
“Тоа не се поклопува со тоа што го очекуваме, односно како очекуваме да изгледаат човечките остатоци по удар на таква сила”. рекол Дејвис, додавајќи дека Пентагон ги анализирал фотографиите од телата, самиот напад и штетата, пренесува AFP.
Службениците во Амбасадата на Србија во Либија, Слаѓана Станковиќ и Јовица Степиќ, загинале во американското бомбардирање на упориштето на ИСИС во градот Сабрата во Либија. Српските државјани биле киднапирани во ноември минатата година од колоната возила во која бил амбасадорот на Србија, Оливер Потезиќ.