Штипјанка со стипендија од Бил Гејтс ќе докторира на Кембриџ


Афродита Николова го сонува сонот на секое дете, избрана е меѓу 55 од 3.647 апликанти за докторски студии на престижниот универзитет, доби стипендија од фондацијата „Бил и Мелинда Гејтс“ за докторски студии на универзитетот Кембриџ. 

афродитааа„Пресреќна сум! Тоа е првото што сакам да го кажам. Иако магистрирав со чиста десетка, не бев сосема сигурна дека ќе добијам шанса за докторски студии со финансиска поддршка на фондацијата на Бил и Мелинда Гејтс. Сега пред мене се уште најмалку три напорни години за да се стекнам со титулата доктор на образовни науки на која ќе стои печатот на универзитетот Кембриџ, што е сон на илјадници млади во светот“, ни ги кажа своите први импресии девојката која во Штип завршила гимназија а потоа дипломирала англиски и книжевност на наставната насока на УКИМ.

Афродита е единственото дете во средно имотното семејство Николови. При крајот на студиите во Скопје се вљубила во поезијата а нејзината прва збирка песни ја има добиено наградата „Лесновски ѕвона“. Во исто време глумела во аматерската група на катедрата по англиски јазик која група сама ја има формирано. Со истата настапува на аматерските драмски смотри во Кочани а со претстава на друга група настапува во Македонската опера и балет. Сето ова има врска со нејзината преубава животна приказна.

Ментор на докторатот на Афродита ќе биде токму Памела Бернард. Докторскиот труд е под наслов „Улогата на уметничките интервенции во трансформирањето на идентитетот на маргинализираните групи млади луѓе во Македонија“.

„Тоа е шанса на младите, посебно на оние кои скршнале од патеките на нормалното поведение, преку креативноста да се вратат на вистинските патеки на животот. Во таа мисија ќе биде од исклучителна важност работата со вработените во казнено поправните установи и социјалните служби. Тоа е работа која сега фаќа длабоки корени од Европа до Азија, до Америка до Африка“, појаснува Николова.

За разлика од многу млади во нашата држава Афродита има цврста намера по докторирањето да остане во Македонија. „Не ми се бендисува оваа состојба кога поголем број млади шансата за подобар живот и кариера ја бараат во други земји. Јас сакам да си останам дома, да бидам професор на универзитет, да дадам свој прилог во напредокот на мојата татковина. Се надевам дека мојата желба ќе си ја остварам а сите млади ги поттикнувам среќата да си ја бараат на родното огниште“, потенцира Николова.

Инаку, да се стане стипендист на фондацијата „Бил и Мелинда Гејтс“ е потребно да се исполнат три услови: да си примен на Кембриџ, факултетот да те рангира меѓу најдобрите студенти и самиот факултет на кој студираш да те избере во потесниот круг. Тоа на Николова и успеа. Младата штипјанка беше меѓу 55 избрани од 3.647 апликанти за стипендијата на Гејтсови.

VoStip.mk

MK News

Автор инфо

No comments yet.

Остави коментар

UA-33057274-1