Одземањето на дозволата за работа на „Алта банка“ Белград отвора прашања за иднината на нејзината македонска банка, АЛТА банка АД Битола, поранешна Стопанска банка Битола, во која белградската банка е доминантен сопственик.
Иако двете банки се одделни правни лица и се под надзор на различни централни банки, случувањата во Србија ја отвораат дилемата за финансиската изложеност на македонската банка кон матичната институција, нејзината капитална стабилност и идната сопственичка структура.
Особено важно е дали стечајната постапка во Србија ќе се одрази врз управувањето со доминантниот акционерски пакет во Битола. Одземањето на дозволата на српската банка не значи автоматско затворање на македонската.
Македонската Народна банка на 30 октомври ги оцени како непроверени наводите за сомнителни парични трансфери од Србија, посочувајќи дека самиот прекуграничен трансфер не е доказ за незаконска активност.
СДСМ бара итна реакција, предупредува на депозитите на јавните претпријатија
СДСМ побара итна реакција од Народната банка и од гувернерот, тврдејќи дека во „Алта банка“ се наоѓаат депозити на повеќе јавни претпријатија кои треба да бидат заштитени.
Од партијата посочуваат дека физичките лица се заштитени преку Фондот за осигурување на депозити до 30.000 евра, додека правните лица и депонентите со износи над овој лимит се соочуваат со ризик од губење на средствата.
„Јавните претпријатија имаат депозити во банката. Тие депозити мораат веднаш да се заштитат“, велат од СДСМ.
Мицкоски: Банката поминува низ контролен процес на Народната банка
За да се купи банка во Македонија, потребна е претходна согласност и проверка на потеклото на капиталот, финансиската стабилност и деловниот углед на купувачот.
Премиерот Христијан Мицкоски, во интервјуто за „Само интервју“ на Канал 5, беше прашан за Алта банка и обвинувањата на опозицијата. Тој се повика на контролите на Народната банка, нагласувајќи дека секој капитал што влегува во земјата мора да помине низ регулаторот.
Во интервјуто емитувано на 29 октомври, новинарот Гоце Михајловски го праша за дилемите околу Алта банка, посочувајќи на проблеми со нејзиниот влез на други европски пазари.
„Не знам дали е сè во ред, но за да дојде во Македонија банка, има таков клиринг-процес во рамките на Народната банка“, рече Мицкоски, додавајќи дека капитал не може да влезе без да помине низ регулаторот.
Разговорот следуваше по обвинувањата на СДСМ дека власта дозволила ширење на „српскиот свет“ во банкарството, осигурувањето и медиумите преку врските со Александар Вучиќ. Мицкоски ги отфрли тврдењата како невистинити и ги оцени како дел од опозициската кампања.
Изјавите на Мицкоски се дадени на 29 октомври, пред Народната банка на Србија да ѝ ја одземе дозволата за работа на Алта банка, и не претставуваат негов коментар за најновата одлука на српскиот регулатор.








