Што е разликата меѓу Бучковски и Кежаровски? Едниот го повикуваат а другиот го носат во затвор


Поранешниот премиер и министер за одбрана, Владо Бучковски е осуден за злоупотреба на функцијата при набавка на непотребно големо количество резервни делови за тенковите Т 55 во 2001 година, со што, државата била оштетена за два и пол милиони евра. Во ноември минатата година по втор пат Бучковски доби ПОВИК да се јави во Казнено-поправната установа затвор Скопје заради издржување на казна затвор во траење од две години. kezo buckovski

Првиот пат кога доби покана, во септември, Судот му одобри одложување од еден месец.

Од друга страна новинарот Томислав Кежаровски вчера експресно е одведен во затворот во Шутка на извршување на казната. Иако одлуката на судот се објави вчера, и како што адвокатот вели не ја ни добил на рака, полицајци попладнето по налог на судот дошле во домот на Кежаровски, на рака му ја дале пресудата и веднаш го спровеле на издржување на казната затвор.

Процедурата за „Фокус“ ја објаснува претседателот на Основниот суд Скопје 1, Владимир Панчевски.

,,Со правосилноста на пресудата практично престанува притворот и тоа по автоматизам значи дека осуденикот мора да оди на издржување казна затвор. Поднесувањето некакви молби или барања им се овозможени само на лицата кои имаат правосилна пресуда, но се бранеле од слобода, што овде не е случај. Тука пресудата му се врачува на осудениот и тој мора да оди на издржување и тоа е направено според закон. Тука не постои никаков упатен акт, туку само пресуда на апелација и наредба од судот, потпишана од судија за извршување санкции до МВР да го спроведе осуденикот. Ова е редовна постапка, исто како кога некој од редовен притвор се пренесува во затвор“

Новинарите се огорчени на ваквиот третман на нивниот колега и прашуваат Што е разликата меѓу Бучковски и Кежаровски? Зошто политичарите се КАНАТ да издржуваат затвор додека еден новинар осуден за напишан текст е ИТНО спроведен во затвор?

Денеска од Професорскиот пленум до Иницијативниот одбор за ослободување на новинарот Томислав Кежаровски, Здружението на новинари на Македонија и Самостојниот синдикат на новинари и медиумски работници на Македонија беше испратено барање за ослободување на новинарот Томислав Кежаровски.

Според нив заробувањето на новинарот Кежаровски значи заробување на вистината, слободата на говорот, а со тоа и слободата на право на различно мислење.

„Водењето на судската постапка и итното приведување на Кежаровски е јасна порака за неговите колеги новинари, но и за секој од нас кој се осмелува гласно да проговори. Не сакаме да бидеме неми сведоци на кршењето на демократските слободи, диригирано судство и беспредметни казни, во држава каде од новинарите се бара да се претворат во илузионисти“, потенцираат од Професорскиот пленум.

Новинарите во вторник на протест ќе го изразат своето незадоволство и поддршка за колегата Кежаровски.

Новинарот Кежаровски вратен во затворот во Шутка

MK News

Автор инфо

No comments yet.

Остави коментар

UA-33057274-1