Руската федерација не може да продолжи да опстојува во својата сегашна форма, се вели во анализа на американската агенција „Стратфор“, со прогноза за светот во периодот од 2015 до 2025 година.
Конфронтацијата со Русија, предизвикана од кризата во Украина, ќе остане централна тема во меѓународната политика и во следните неколку години, сметаат краторите на анализата. Огромната зависност на Русија од извозот на енергенси и невозможноста да се предвидат цените, ја прават невозможна контролата на Москва врз целата територија на државата.
„Стратфор“ очекува авторитетот на Москва сериозно да се намали, и во крајна сметка да доведе до распад на федерацијата.
Русија не успева во обидот да ги претвори приходите од продажбата на енергенсите во стабилна економија и остана ранлива на флуктуациите на меѓународниот пазар. Освен тоа Руската федерација нема никаков заштитен механизам кон силите на слободниот пазар, коментираат авторите на анализата. Според „Стратфор“, сите овие ситуации ќе доведат до повторување на случувањата од 1980 и од 1990 година.
Овие врсти на проблеми во минатото Русија ги решаваше со помош на своите тајни служби, но сега Федералната служба за безбедност (ФСБ) е значително ослабена поради фактот дека луѓе од нејзиното раководство се всушност дел од економијата. Тајните служби нема да успеат да ги ограничат центрифугалните сили, кои ќе ги погодат регионите што не се под контрола на Москва, прогнозира „Стратфор“.
Во западниот дел на Русија, Полска, Унгарија и Романија ќе се обидат да си повратат територии, кои ги изгубиле во различни периоди. Тие ќе дејствуваат на таков начин, што ќе се обидат да ги придобијат Белорусија и Украина на своја страна.
На југ, пак, капацитетите на Русите да го контролираат северен Кавказ ќе исчезнат, а централна Азија ќе влезе во еден период на нестабилност.
На северозапад, регионот Карелија ќе сака да се присоедини кон Финска, а на далечниот исток крајбрежните реони, кои се поблиску до Кина, Јапонија и до САД, отколку до Москва, ќе почнат да стануваат независни. Останатите региони нема да бараат автономија, но ќе бидат поставени во ситуација да бидат автономни, сметаат од „Стратфор“.
Распадот на Руската федерација ќе доведе до појава на најголеми кризи во следната декада.
САД ќе се обидат да изградат систем од сојузници надвор од НАТО, за да одговорат на нестабилноста, предизвикана од распадот на Русија, и ќе се обидат да ги привлечат Турција и Азербејџан и да распоредат свои сили во овие држави.
Во вториот дел од следната декада САД ќе се сконцентрираат на обидите да спречат можна евентуална нуклеарна катастрофа, која може да биде предизвикана од распадот на Русија.
Исчезнувањето на централната власт на Москва ќе создаде огромен проблем со контролата на нуклеарното вооружување на Русија, и како може да биде гарантирано дека тоа нема да дојде во рацете на екстремистите.
Според „Стратфор“, САД ќе бидат единствената сила, која ќе може да се занимава со тој проблем, но нема да може да гарантира дека нема да биде истрелана ниту една нуклеарна ракета.
Европската унија (ЕУ), никогаш нема да си го поврати единството од претходно, и ако успее да опстои во текот на следната деката, ќе биде доста пофрагментирана. Аналитичарите не очекуваат зоната за слободна трговија во ЕУ да продолжи да постои, без засилена полтика на протекционизам. „Стратфор“ смета дека економијата на Германија ќе има сериозни проблеми во следната декада, а како резултат на тоа Полска значително ќе го зголеми своето влијание во регионот.
Светот веќе навлегува во период на пад на националните држави, создадени од Европа во северна Африка и Блискиот Исток.
Во многу држави власта веќе не е во рацете на институциите, туку е разделена меѓу вооружени фракции, кои се во несопирливи меѓусебни конфликти. Вмешувањето на САД во такви конфликти, за нивно стопирање и креирање на единствена власт, преку воздушни напади, нема да биде возможно, сметаат аналитичарите.
Турција, чии јужни граници се кревки поради конфликтот во Сирија, постепено ќе биде вовлечена во воени судири. До крајот на декадата Турција ќе се утврди како најсилна држава во регионот, прогнозира „Стратфор“.
Кина го привршува циклусот на брз економски раст проследен со ниски плати, и веќе навлегува во нова фаза – на побавен раст и зголемување на власта на диктатурата. Кина ќе продолжи да биде голема економска сила, но нема да остане двигател за светскиот раст, каков што беше до скоро. Таа улога биде преземена од група од 16 држави од југоисточна Азија, источна Африка, и делови од Латинска Америка. Кина нема да стане агресивна воена држава, прогнозираат од „Стратфор“.
Јапонија останува најверојатниот претендент за доминантна позиција во источна Азија и тоа поради две причини – географската положба и потребите од увоз.
САД ќе продолжат да бидат најголемата економска, политичка и воена сила во светот, но ќе бидат помалку ангажирани во таа улога, отколку во минатото, сметаат аналитичарите.
Ниските нивоа на извоз, искуствата од конфликтите во последната декада и зголемената енергетска независност ќе ги натераат САД да бидат се’ повнимателни во воените и во економските интервенции низ светот.
Netpress