Овластен градежен инспектор на општина Центар со полициска придружба денеска затвори нелегално градилиште во населбата Кале, откако во текот на вчерашниот ден донесе решение за отстранување на повеќе градби – потпорни ѕидови, оградни ѕидови, помошни објекти и доградба.
На инвеститорот на градбата од Oпштината му било наложено веднаш да престане со градење и да ги отстрани дивоградбите. Откако тој не го сторил тоа, овластениот градежен инспектор го затворил градилиштето.
„Инвеститорот гради огромна градба без никаква документација и на незаконски начин, со што зафаќа дел и од строго заштитената зона за градење, односно тврдината Кале“, се наведува во соопштението од Центар.