За пет години, надвор од Македонија се отселиле 5.110 граѓани, покажуваат официјалните податоци на Државниот завод за статистика. Тоа значи дека просечно во една година Македонија ја напушаат по 1.000 граѓани.
Отселени граѓани од Македонија – по години
- 2013 година 945
- 2012 година 1330
- 2011 година 1143
- 2010 година 923
- 2009 година 769
Според етничката припадност, најголем број од отселените се Македонци. Односно 613 Македонци ја напуштиле Македонија минатата година и заминале во некоја друга држава. Потоа, втори на листата според најголем број отселувања се Албанците. Или, 127 Албанци лани заминале од земјава, пишува ДелчевоДенес.мк
.Македонија ја напуштиле 48 Турци, 7 Роми, 7 Срби, 1 лице од влашка националност, 27 се од останатите националности, а 88 од тие што заминале не се изјасниле за етничката припадност.
Најмногу отселувања во Европа, Австралија и Америка
Според податоците на Државниот завод за статистика, само лани Македонија ја напуштиле 945 граѓани. При тоа, најчесто отселувањата се во Европа, односно, податоците покажуваат дека во некоја од европските земји се отселиле 480 граѓани. Во Австралија се отселиле 234, додека во Нов Зеланд има само еден отселен. Во САД има 197 отселени, а 32 заминале за Канада. Има само еден отселен во Азија, поточно во Обединетите Арапски Емирати, а никој од Македонија не заминал во некоја од африканските земји.
Вкупно во Европа се отселиле – 480
- Германија – 183
- Швајцарија – 53
- Србија – 47
- Италија – 42
- Шведска – 25
- Бугарија – 23
- Словенија – 20
- Холандија – 15
- Франција – 10
- Останати европски земји
Најмногу отселени од Охрид
Најголем број, или повеќе од половината од отселените се од Охрид. Односно, минатата година 534 граѓани на Охрид се иселиле надвор од државата. Втор град, според бројот на иселувањата е Тетово од каде се отселени 145 граѓани, а трета општина е Јегуновце, од каде 63 жители ја напуштиле Македонија. Потоа се Дебарца со 54 и Делчево со 39 отселени граѓани.
Македонија ја напуштил еден доктор на науки – и тој е од Охрид. Потоа се отселиле 16 магистри, при тоа 13 од магистрираните се од Охрид, а останатите тројца се од Делчево. Со високо образование државата ја напуштиле 90 граѓани, од кои 80 повторно се од Охрид. Сепак најбројни во ислеувањето се оние со средно образование. Заминале дури 325…
Отселени граѓани кои имаат завршено само средно училиште се 325, од кои 257 се од Охрид, со завршено само основно училиште отселени се 163, од кои 129 се од Охрид. Со непотполно основно училиште отселени се 14 граѓани од кои 11 се од Охрид, и без образование отселени се 20 граѓани од кои 17 се од Охрид.
Се иселуваат брачни парови
Во однос на полот нема голема разлика, но сепак податоците покажуваат дека се иселуваат повеќе мажи од жени. Или, минатата година, Македонија на напуштиле 522 мажи и 423 жени. При тоа, анализата на податоците покажува дека најголем број на оние кои ја напуштиле државата се во брачна состојба. Или, 472 од иселените биле во брачен статус, додека 153 биле немажени, односно неженети. Од вкупниот број иселени 23 биле со статус вдовец или вдовица, додедка 22 биле разведени. На останатите не им се знае статусот.
Оние кои заминале, како причина за заминувањето навеле дека се семејни прични, а потоа на второ место вработување, а трето е склучување на брак. Дел пак воопшто не се изјасниле зошто се иселуваат од Македонија.
Причини за иселување
- 383 семејни причини
- 127 вработување
- 65 склучување брак
- 19 школување
- 351 друго