Урнати згради, древни хиндуистички храмови претворени во безоблични купишта камења, големи пукнатини на улиците на Катманду, луѓе на улиците, прикажуваат снимките кои пристигнуваат од главниот град на Непал, кој во саботата утрото беше погоден од земјотрес со магнитуда од 7,9 степени по Рихтер кој веќе однесе 758 животи, пренесуваат агенциите, а според непотврдени информации таа бројка е околу 900.
Жителите на Катманду ги ослободуваат пристапите до болниците за амбулантните возила, а спасувачките напори по разорниот земјотрес ги отежнува прекинот на комуникациите што ги зголемува стравувањата од хуманитарна катастрофа во оваа сиромашна земја со околу 28 милиони жители.
„Во моментов ги собираме телата а повредените ги префрлуваме во болниците. Ги трупаме телата едно на друго за да направиме место“, вели жител на Катманду.
Во силниот земјотресот од саботата утрото билансот на жртвите од час во час се зголемува. Според последните податоци, во Непал загинале 758 луѓе, а 34 го загубиле животот во северна Индија и две лица во Банлгадеш.
Во земјотресот е урната една од знаменитостите на Катманди, кулата Дарара или Басмен, изградена во 1832 година, висока 62 метри, која е ставена на листата на УНЕСКО на светското културно наследство. Индиската телевизија NDTV пренесува дека спасувачите претпоставуваат дека под урнатините од кулата, којашто веќе еднаш претрпела оштетувања во земјотресот од 1934 година а последните десет години е отворена за туристите, можеби има повеќе од стотина луѓе.
„Гледаме три тела на монаси во урнатините на зградата во близина на храмот. Се обидуваме да ги извлечеме телата и да видиме дали има преживеани“, вели турист од Индија, Индиската туристка Девјани Пант била во кафуле во Катманду со пријателите кога масите одненадеж се затресле и сликите почнале да паѓаат од ѕидовите. „Вриснав и побегнав надвор“, рекла за Reuters од главниот град каде што најмалку 181 човек загинале.
Земјотресот чиј епицентар бил според последните прецизирани податоци, бил 80 километри од вториот најголем непалски град Покаре, бил на длабочина од два километра што ја зголемило неговата разорна моќ. Всушност се работи за го два моќни земјотреса, првиот се случил во 11,41 часот по локално време 9,11 по македонско време, со магнитуда од 7,9 степени по Рихтер, чиј епицентар бил на повеќе од 85 километри северозападно од престолнината Катмандум, со жариште на длабочина од 15 километри. Вториот потрес се случил половина час подоцна и имал магнитуда од 6,6 степени, со хипоцентар на 10 километри длабочина.
Споменатиот земјотрес од 1934 година се смета инаку за најтешкиот кој некогаш го погодил Непал, кога загинале 8.500 луѓе.
Пристигнуваат вести и за разорувања во руралните области. Според најновите информации од непалското министерство за туризам, најмалку десет алпинисти загинале во базниот камп во снежната лавина на Монт Еверест предизвикана од земјотресот. Во тек е шпицот на сезоната на искачување на врвовите на Хималаи, па властите настојуваат да стапат во контакт со стотици алпинисти.
„Сите се обидуваме меѓусебно да се слушнеме, но не успеваме, Многу сме загрижени, вели шерпасот Чоти. Претставници на министерството за туризам проценуваат дека најмалку 1.000 алпинисти, од кои 400 странци, биле во базните логори на Еверест во времето на земјотресот. Се проценува, исто така, дека околу 300.000 странски туристи имало во Непал за време на пролетната сезона на искачувањето.
„Соочени сме со огромна криза и тешко е дури и да се претпостави која ќе биде крајната бројка загинати, како и вкупниот обем на штетите. Не може со сите (туристи и алпинист) да се стапи во контакт“, изјави претставникот на министерството за туризам, Мохан Кришна Сапкота.
Романскиот алпинист Алекс Гаван објави на Twittet дека имало „огромна лавина“, а дека на планината Еверест имало „многу многу“ луѓе. „Трчам од својот шатор за да се спасам. Во базниот логор на Еверест силен потрес а потоа огромна лавина“. Друг алпинист, Даниел Мазур, објави исто така на Twitter дека базниот логор на Монт Еверест е „тешко оштетен“, како и дека неговиот тим останал заробен. „Ве молам да се молите за сите“, напиша.
Политичката нестабилност и оневозможува непалските власти соодветно да одговорат на ваквите кризи. Во 2001 година Непал дојде на насловните страници на медиумите, откако престолонаследникот Дипендра уби десет членови на семејството, вклучително и својот татко кралот Бирендра шах, пред самиот да си го одзеде животот. Потоа на власт дојдоа маоистите кои кралството го преуредија во република и монархијата официјално беше укината во 2008 година. Од тогаш во земјата се договара новиот устав.
Индија, пак, започна голема спасувачка и хуманитарна операција, по наредба на премиерот Нарандра Моди. Портпаролот на индиското министерство за одбрана, Ситаншу Кар, на Twitter објави дека во „авионот на воздухопловните сили ‘C-130J Super Hercules’, кој слет на аеродромот во Катманду, има 39 спасувачи и 3,5 тони хуманитарен товар“.