Синот на Љубе Бошкоски: Бесен сум на твоите џелати


Драг татко, драг наш Љубе,

Повторно ги видов снимките на твоето апсење и изживувањето на некогашните сопартијци, ги слушав навредите кон тебе и кон нашето семејство. Во овој миг сум и тажен но и горд. Тажен сум дека си неоправдано затворeн и што нашето семејство привремено е разбиено. Горд сум затоа што нашиот народ се повеке ја сфаќа вистината за тебе. Бесен сум на твоите џелати, на твоите некогашни “пријатели” кои ни доаѓаа и на вечери и ручеци, кои домаќински ги удостојуваше како што само ти умееш. Тоа се истите оние кои не се задоволија само да те елиминираат како политичар туку настојуваа да те посрамат и како човек и како сопруг и како наш татко и како Македонец.pance-boskoski-538x320

Тоа се истите оние што доаѓаа да те посетат во Шевенинген, кои те величаа, кои настојуваа од тебе да направат послушник исто како што сега сакаат да направат послушник од целиот народ на Македонија.

Знам татко, дека тоа што го зборуваа некогашните сопартијци те погодува и тебе исто како и мама и брат ми и сестра ми. Но знам и дека ти повеќе си загрижен како ние како твои деца ќе го прифатиме целиот гнасен разговор, сите конструкции и вулгарности отколку твоето темнување во Шутка и Идризово. Признај дека и ти си изненаден од човечката расипаност, од гневот од тоа што го кажаа и начинот на кој те понижија. Додека ние бевме во шок и болка, тие беа во еуфорија. Тие си играа мајтап како недозреани хулигани од латиноамериканските диктатури. Нивниот речник ме потсети на негативците од американските вестерн филмови кои ги гледавме заедно.

Татко ти ќе излезеш со крената глава, нашата болка ќе помине. Ти уште од мали не воспитуваше за нашата Македонија во која се колнеше и сеуште се колнеш. Знам и дека оваа манипулација за името која се појави на нивните медиуми и која ја исфабрикуваа истите луѓе што те уапсија, е уште една измислица на нивните воспалени глави. Премногу ти ја познавам твојата патриотска душа, а ти ја познаваат и сите Македонци за да можат да поверуваат во лагите на злобниците.

Единствено не знам дали совеста на твоите џелати, на нивните синови и ќерки, кога ги слушаа мрачните и безобразни конструкции ќе им дозволи мирно да размислуваат за иднината. Како тие млади ќе се движат меѓу народот и како ќе ги погледаат во очи своите другари. Тука не мислам на никакви освети од нивниот стил, бидејќи ние како семејство имаме поинаков код од нив. Дури овие деца немаат никаква вина за нашата несреќа и јас на Прочка им простувам . Но се прашувам,како тие синови и ќерки би се однесувале кога некој друг неранимајко би ги кажал истите зборови за нивните родители како што за тебе зборуваа бесрамниците?

Татко, да се разбереме, јас не би се менувал со нив и нивната позиција, ниту за функцијата на нивните родители. Ти тоа го знаеш. Јас сум горд што сум твој син и знам дека вистината ќе излезе на виделина и правдината ќе победи. Ти ќе излезеш како победник, исто како и многу други кои неоправдано од политички причини чмаат во Шутка и Идризово.

Татко едно не ми е јасно. Знам дека твоите џелати редовно одеа во црква, се крстеа, даваа парични прилози, постеа, се молеа, настојуваа да се престават како големи христијани. Но гнасотилуците што ги направија со тебе и со други ги нема ниту во Библијата ниту во христијанство.

Татко издржи уште малку, гледам дека во Македонија се разденува. Доаѓа пролетта. Тие немаат каде, против нив се и млади и стари и мажи и жени и Македонци и Албанци и останати. Убеден сум дека ги одбројуваат последните недели. Поздрав татко, сите те сакаме.

Панче Бошкоски
Скопје 22.02.2015

Share Button
MK News

Автор инфо

No comments yet.

Остави коментар

UA-33057274-1